ПОЗИТИВНИТЕ НАЈАВИ ОД ЛИДЕРСКАТА СРЕДБА ПОЧНАА ДА СЕ РЕАЛИЗИРААТ: Договорот за старт на „Сејф сити“ најавува пат и за други проблеми

На денешната средба на координаторите на пратеничките групи била постигната согласност ДУИ да ги поддржи измените во Законот за прекршоци, со кои камерите на сообраќајниците правосилно ќе профункционираат од 1 февруари. Изгласувањето, најверојатно, ќе се случи во текот на следната недела. Се чини, ова ќе биде прв и охрабрувачки чекор што навестува дека завчерашните лидерски договарања ќе продуцираат и решавање на други отворени прашања за кои се искажа подготвеност: народниот правобранител, статусот на техничката влада, изборниот модел со една изборна единица... Но, извесно, некои прашања ќе бидат полесни, а некои потешки за наоѓање компромис 

65

Во најскоро време, најверојатно веќе кон крајот на следната недела, пратениците во македонското Собрание ќе ги изгласаат измените во Законот за прекршоци, кои ќе овозможат почеток на системот „Сејф сити“ од 1 февруари. Денеска брзо бил постигнат договор за ова меѓу координаторите на пратеничките групи во Парламентот, како резултат на конструктивниот дух на завчерашната лидерска средба, чиј домаќин беше премиерот Христијан Мицкоски. Такво нешто, веднаш по крајот на средбата, најави Мицкоски, но и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, како желба да се надминат досегашните проблеми.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, во изјава за весникот ВЕЧЕР ни рече дека одржале состанок со координаторите, на која присуствувал и претставник на МВР, по што биле разјаснети сите забелешки.

– Најважните работи се разјаснети и договорено е пратениците на коалицијата предводена од ДУИ да дадат поддршка за измените во Законот за прекршоци. Првичниот договор беше да се изврши изгласувањето в петок, но потоа од ДУИ побарале да се случи тоа кон крајот на следната недела, заради одредено разјаснување. Ова е со цел системот „Сејф сити“ да може да започне од 1 февруари – ни рече Мицевски.

Тој објасни дека измените во Законот се во финална фаза, кога останува само да се гласаат. Односно дека не е можно да се поднесуваат амандмани и да се прават други промени.

– Но, откако ќе бидат усвоени законските промени, ДУИ ќе го следи спроведувањето на законот и подоцна пак може да се иницира промени во него – наведува Мицевски.

Според неофицијални сознанија, противењето на ДУИ на законските измени било мотивирано со прашањето на неупотреба на албанскиот јазик во системот и комуникацијата на МВР со граѓаните што направиле одредени прекршоци. Исто така, тие реагирале и на одредени ситуации на магистрални сообраќајници кога поставеноста на одредени сообраќајни знаци за дозволената брзина предизвикувала возачите да прават пречекорување. Односно, тие немале време да ја намалат брзина поради близината во која биле поставени одредени сообраќајни знаци. Било договорено да се надминуваат таквите проблеми.

Инаку, измените во Законот се најмногу потребни за да може полицијата да им испраќа на возачите што направиле прекршок соодветен формулар – записник по електронски пат. Но, и сообраќани полицајци на теренот да можат да го користат таквиот формулар.

Техничката влада како алиби

Се чини, ова ќе биде прв и охрабрувачки чекор што навестува дека завчерашното лидерско договарање ќе продуцира и решавање на другите отворени прашања за кои се искажа подготвеност. Но, извесно, некои ќе бидат полесни, а некои потешки за изнаоѓање компромис. Според неофицијални сознанија на ВЕЧЕР, најтежок договор ќе треба да се постигне околу изборот на нов народен правобранител, а што бара итно решение.

– Се чини дека најтешко ќе се постигне некаков договор околу тоа прашање. На лидерската средба, Али Ахмети не покажал подготвеност толку лесно да се прифати предложениот кандидат. Околу тоа ќе преговараат координаторите на пратеничките групи, но нема да се дојде лесно до решение – вели соговорникот на ВЕЧЕР, кој е упатен во деталите од средбата.

Според информациите од таборот на ДУИ, потребна е промена на предложениот кандидат, Фатон Сељами. Познато е, по заминувањето на досегашниот народен правобранител, Насер Зибери, во пензија, во јули минатата година, собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата, по објавениот конкурс, го предложи Фатон Сељами за народен правобранител. Но, тој не може да биде изгласан затоа што нема доволен број пратеници за гласање по Бадентер, односно недостигаат гласовите од коалицијата НАИ, предводена од ДУИ.

Од друга страна, ќе биде потребен подолг период на договарање околу идниот статус на пржинската влада, но и на новиот изборен законик. Лидерите завчера, во ситуација кога не дојде лидерот на СДСМ, Венко Филипче, дадоа можност да се укине техничката влада за претстојните, но и можност да се укине пред парламентарните избори по претстојните. Меѓутоа, ваквата понуда експресно беше одбиена од Филипче.

– Укинувањето на техничката влада треба да се случи кога нашето општество ќе биде зрело за тоа. Слободната волја на граѓаните и фер и демократски избори не се прашање на политички пазар. Затоа е потребно целосно носење на законите од реформската агенда и дури тогаш кога ќе проценат европските експерти дека се применуваат тие, ете тогаш ќе бидеме подготвени да ја укинеме техничката влада – реагираше лидерот на социјалдемократите, додавајќи дека аномалиите од времето кога беше воведена техничката пржинска влада се исти во владеењето на актуелната власт.

Поради ова, се наметнува прашањето каков договор ќе биде постигнат околу натамошното опстојување на техничката влада. Ова и од причина што најголем дел од учесниците на завчерашната средба се согласуваат дека таа веќе не треба да постои.

– На средбата, само Али Ахмети бил донекаде воздржан околу укинувањето на техничката влада, наведувајќи дека треба да се консултираат меѓународните партнери, ЕУ и САД. Но не беше против, а сите други беа таа веќе да не постои – вели нашиот извор.

Со ова, практично, особено премиерот Мицкоски се става во ситуација да решава што натаму. Тој завчера најави и опција да постои техничка влада за следните избори, но за оние по нив да биде укината. Во ситуација кога СДСМ е категорично против ваков компромис, тоа води кон прашањето дали е прифатливо за Мицкоски да му дава можност на СДСМ да ги проблематизира секои парламентарни избори и нивниот резултат или да се согласи со натамошно постоење на моделот на техничката влада, со што ќе им го одземе алибито на социјалдемократите околу резултатот на секои следни избори.

Како да гласаат иселениците во една изборна единица?

Доста преговарачки напори ќе треба да се вложат и околу новиот Изборен законик, односно околу промената на сегашниот пропорционален систем со шест изборни единици. На средбата, лидерите речиси биле едногласни во тоа дека треба да се примени моделот со само една изборна единица. Но, проблемите сега ќе се врзуваат за прашањето за тоа како треба да се овозможи гласањето на иселениците од странство, но и околу тоа колкав цензус да се применува за влез во Собранието и околу отворените кандидатски листи. Лидерот на Беса, Билал Касами, по средбата рече дека тие сакаат вклучување на дијаспората со оглед на нејзиното економско значење за државата. Премиерот Христијан Мицкоски, пак, како отежнувачка околност го наведе тоа што дел од странските држави каде што живеат наши иселеници дозволуваат само гласање во дипломатските претставништва, а дел и надвор од нив. Таков е случајот, на пример, во Австралија, каде што може да се гласа само во ДКП, а каде што има голем број македонски иселеници.

Сето ова води кон прашањето дали треба да се најде нов модел на гласање на иселениците – преку електронски пат, со писма или слично. Проблемот со ваквиот начин е во тоа што, како држава, сè уште не сме направиле значителни подготовки околу модернизирањето на гласањето на иселениците. Со тоа, за секоја промена ќе биде потребно подолго време.

Од друга страна, прашање е колку ќе биде прифатливо за другите партии инсистирањето на ДУИ за воведување цензус од 5 отсто на освоените гласови од запишаните избирачи. Тоа ќе предизвика потреба некоја партија да мора да освои најмалку околу 50.000 гласови за влез во Парламентот. Помалите политички партии, кои повеќе години бараат да се гласа само во една изборна единица, сметаат дека воопшто не треба да постои цензус. Поради ваквите разлики, и воведувањето една изборна единица чека повеќе години без да се расчисти. (Б. Ѓ.)

Средбата Ахмети – Мицкоски била договорена со две реченици

Нашите извори наведуваат дека најавената средба очи в очи меѓу премиерот Христијан Мицкоски и лидерот на интегративците, Али Ахмети, била брзо договорена на масата на која се водел лидерскиот дијалог.

– Ахмети само кратко кажа дека за другите прашања што имал намера да ги отвори на средбата, ќе треба да разговара со премиерот Мицкоски, без детално да ги наведе. На тоа премиерот само кратко одговори дека прифаќа, и на тоа се заврши – наведува нашиот извор.

Според партиските извори на ДУИ, тие прашања се однесуваат на евроинтеграциите, потоа на новиот национален договор за прогрес, изборот на Влада со Бадентерово мнозинство, но и во Уставниот суд да се гласа со Бадентерово мнозинство кога се одлучува за законите донесени со двојно мнозинство.

ИЗДВОЕНИ