Пожарот во Хонг Конг е под контрола: Бројот на жртви се искачи на 65, повеќе од 300 исчезнати

140
EPA/LEUNG MAN HEI

Бројот на жртви во пожарот во Хонг Конг се искачи на 65, со 70 повредени и повеќе од 300 исчезнати лица, соопштија денес локалните власти.

Во соопштението се вели дека се подготвува официјално барање до Пекинг за помош и поддршка, како и дека е обезбедено привремено сместување за преживеаните со финансиска отштета.

Генералниот секретар на администрацијата, Ерик Чан, изјави дека ќе се спроведе „сеопфатна истрага“, вклучувајќи кривична истрага од страна на полицијата, како и истрага од страна на локалното Министерство за домување за тоа дали заштитниот материјал на надворешните ѕидови на зградата ги исполнува стандардите за гаснење пожари, јавува Би-Би-Си.

Главниот извршен директор на Хонг Конг, Џон Ли, изјави дека пожарот во сите седум згради од комплексот Ванг Фук Корт е „во голема мера под контрола“, но дека спасувачките екипи сè уште работат на терен.

Во исто време, портпарол на кинеското Министерство за одбрана изјави дека кинескиот воен гарнизон во Хонг Конг ќе „го заштити градот и ќе дејствува според наредбите“.

Властите во Хонг Конг, исто така, објавија обезбедување на околу 1.800 станбени единици за раселените жители, како и еднократна парична помош од 10.000 хонгконшки долари по домаќинство (околу илјада евра).

ИЗДВОЕНИ