Падна втората пресуда за предизвикување шумски пожар. Пресудата ја донесе Основниот суд Велес, со што заврши судскиот процес за пожарот на езерото Младост, кој се случи пред шест години. Тасе Илиевски (61), Марјан Ангелов (58) и фирмата „Реал градба“ се обвинети за тешки дела против општата сигурност и дека делото го сториле со умисла. Пожарот се случи на 26 август 2019 година. Според обвинителката Анастасија Миланова, не биле почитувани законите, прописите и техничките правила за заштита при работа.
Податоците од судскиот портал покажуваат дека во изминативе десетина години, има само една пресуда за предизвикување шумски пожар, и тоа од страна на Судот во Дебар. Имено, дебранец добил условна затворска казна од една година затоа што, од небрежност, предизвикал пожар на отворено. Имено, тој подготвувал јадење на плинска боца, која експлодирала и ја запалила сувата трева во околината. Пожарот брзо се раширил и зафатил државна шума на површина од 50 илјади квадратни метри, нанесувајќи огромна штета.
Во завршните зборови беше посочено дека Илиевски, Ангелов и фирмата, без да ги почитуваат Законот за безбедност и здравје при работа, Законот за градење и Правилникот за безбедност и здравје при работа, вршеле брусење и искрите што летнале, ја запалиле блиската шума.
Според обвинението, огнот се појавил во 11:35 часот, кога второобвинетиот Ангелов брусел железна арматура, па искрите ја запалиле тревата и настанал пожар, кој се префрлил преку патот и се проширил кон север, кон езерото, до селото Новачани. На почетокот од судењето на 14 јули 2020 година, обвинетите негираа вина за кривичното дело за кое се товарат.
Бранителите на обвинетите се повика и на фотографии од НАСА, приложени од нивниот вештак како доказ, дека во критичниот период на 26 август 2019 година, во 12:06 часот, во околината на езерото Младост имало девет активни извори на топлина, кои, според него, можно е да биле девет различни и подметнати пожари. Тие тврдеа дека биле преземени сите мерки од можни ризици и дека не е настанат пожарот поради преземено дејство од вработено лице или од лице со налог ангажирано од правното лице.
Штетата од пожарот пријавена од државниот правобранител за подрачјето на Велес е 97.262.205 денари, а според вештакот на одбраната е 6.348.949 денари.
Инаку, и натаму има пожари на територијата на Македонија. Според информациите на Центарот за управување со кризи, до вчера до 13:30 часот, имаше вкупно четири пожари на отворен простор – и сите активни.
Активни пожари се пожарот во Општина Велес кај селата Џидимирци, Крушје и Иванковци, со два крака: едниот кон с. Иванковци и другиот кон с. Крушје, каде што гори мешана шума; во Општина Македонски Брод, горат деградирана дабова шума, грмушки и ниска вегетација меѓу селата Црешнево, Локвица и Крапа. Исто така, гори нискостеблеста шума во Општина Василево, кај селото Нивичино и во Општина Дојран, над селото Николиќ, кој, конечно, е ставен под контрола.
Токму последниов пожар им предизвикува(ше) големи проблеми на спасувачите. Заменик-директорот на ЈП „Македонски шуми“, Кире Михаилов, кој десетина дена е на терен и учествува и координира со гаснењето, вели дека пожарникарите, пилотите со воздухопловите, вработените во ШС „Кожуф”, припадниците на АРМ и локалното население со свој ангажман помагаат во справувањето со огнената стихија над селото Николиќ.
– Верувам дека последни на огнот му пресудија булдожерот и неговиот возач-управувач, Антонио Камберов. Последните два дена, Антонио беше по 12 часа на терен и со булдожерот го посипуваше опожарениот дел од шумскиот простор, правејќи земјени засеци, исчистени од шумска вегетација за да не се префрли огнот од другата страна на новооформениот шумски пат. Оган, чад, прашина, жешко сонце го затекоа Антонио на работната позиција, со неговиот булдожер, но задачата беше одговорна, а тој истраен и подготвен да го стави пожарот во обрач – вели Михаилов.
Тој посочува дека по девет дена, пожарот кај Николиќ е под контрола, благодарение на оформената 34- километарска шумска патна линија околу опожарениот простор.
(С. Бл.)