Територијалната противпожарна единица од Куманово доби современо противпожарно возило со корпа и со хидраулична скала висока 32 метри преку донација од Тирол, Австрија.

озилото ќе се користи за интервенции, за спасување од висококатници и во вонредни состојби. Со него значително се зголемуваат капацитетите на кумановската територијална противпожарна единица.

Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, потсети на претходната соработка со Тирол и на студиските посети и нагласи дека Куманово е избрано како една од општините во Македонија за реализација на реформите во противпожарните служби.

Претходно беше адаптиран и просторот на ТППЕ Куманово.

– Во оваа пригода, сакам, во име на граѓаните на Општина Куманово и во мое лично име, да им се заблагодарам на граѓаните на Австрија и на покраината Тирол. Ќе продолжиме да ги применуваме нивните искуства. Целта е Куманово да стане пилот-проект за реформи на противпожарниот систем каде што покрај професионалната пожарна единица ќе обезбедиме услови за функционирање и на доброволни противпожарни друштва во самиот старт на три различни пунктови во селата Пчиња, Табановце и Орашац каде што општината ќе има обврска да изгради во рамки на постојните капацитети и места за паркирање и складирање на опремата и места за тренинг на доброволците. Целта е да се приближиме на системот што Република Австрија го има во моментот и тоа е еден од најдобрите не само во Европа туку и во светот. Во иднина, преку донации и со наши средства ќе обезбедиме да се доопреми единицата – изјави Димитриески.

Координаторот на проектот, Петар Логар, рече дека проектот почнал со посредство на австрискиот амбасадор во Македонија, Мартин Памер. Вакви проекти се спроведуваат веќе 15 години на Балканот, особено во Хрватска. Како што посочи Логар, имале неколку средби и најави дека доколку во Куманово се најдат доволен број доброволци-пожарникари, ќе следува доопремување на службата со нови возила, но и обука на пожарникарите и во покраината Тирол и во Хрватска.

– Ние сме сојузна покраина и имаме околу половинана жители колку што има во цела Македонија. Имаме 23.000 доброволци, волонтери. Во Македонија има 800 доброволци кои се ангажираат уште во училишна возраст со обука на младите. Голем дел од учесниците, по 16 години остануваат доброволно. Волонтерите уживаат во пријателствата кои ги стекнуваат на обуката и задоволство им е што можат да сторат нешто добро за заедницата. Не добиваат парични средства, само обука и, секако, заштитна опрема – истакна Логар.

Командирот на ТППЕ Куманово, Дејан Илиевски, рече дека тројца пожарникари следеле обука и во Австрија и во Хрватска, по што ги обучиле останатите колеги.

– Преку 70 проценти од пожарникарите се оспособени да работат со возилото. Инаку, вакво возило на ново е околу 950.000 евра. Ова возило е 26 години старо, но е во извонредна состојба – објасни Илиевски.

Тој  додаде дека нивниот возен парк е стар во просек 40 и повеќе години и оти ќе бидат презадоволни доколку го сменат.

– Работиме на реновирање на гаражниот простор, ќе продолжиме на реконструкција на целиот дом на пожарникари – информираше Илиевски.

Во мај, годинава претставници од Тирол ја посетија Општина Куманово, додека претходно претставници од Општината и ТППЕ Куманово остварија работна средба во Австрија каде се информираа  за програмските активности за заштита од пожари во Тирол.

 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ