Нема пожари на отворено, но во зимскиот период, штипските пожарникари бележат интервенции на објекти, куќи, станови поради запалени оџаци или пожари предизвикани од преоптоварени и дотраени електрични инсталации, нестручно приклучување на електричните уреди.
Командирот на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) –Штип, Благој Ренџов, вели дека најзагрозени се старите објекти со дрвени меѓукатни и покривни конструкции, каде што огнот брзо може да се прошири. Граѓаните најчесто реагираат навреме, пријавувајќи го пожарот во Противпожарната единица и благодарение на брзата интервенција на пожарникарите, засега се спречени поголеми катастрофи и материјални штети.
Тој апелира граѓаните редовно да ги одржуваат оџаците и да ја проверуваат инсталацијата за да не дојде до несакани последици.
– Со самото преоптоварување на електричната инсталација, застарената инсталација, нестручното вклучување на електричните уреди, имаме палење на електричните броила. Исто така, со нередовното чистење и со нередовното одржување на оџаците, имаме палење на самите оџаци. Претежно тоа ни претставува проблем кај старите објекти, каде што немаме плоча меѓу катовите, имаме конструкција од греди, каде што доаѓа до самозапалување меѓу катовите и на покривните конструкции. Граѓаните најчесто се јавуваат навреме, а со нашата брза интервенција, спречуваме да дојде до поголема катастрофи во објектите – изјави Ренџов.












