Земјава се соочува со сè поинтензивни топли и студени бранови, кои имаат долгорочно влијание врз земјоделството и врз производството на храна, а наспроти сè почестите поплави, имаме намалена достапност до вода, што особено се почувствува изминатово лето, при екстремни горештини. Од година на година, шумските пожари ја пустошат државата и сè поголем е бројот на предвремени смртни случаи што ѝ се припишуваат на изложеноста на концентрации на ПМ-честички

Поплавите, шумските пожари и загадениот воздух се климатско тројство што предизвикува растечки економски загуби во Македонија. Земјава се соочува со сè поинтензивни топли и студени бранови, кои имаат долгорочно влијание врз земјоделството и врз производството на храна, а наспроти сè почестите поплави, имаме намалена достапност до вода, што особено се почувствува изминатово лето, при екстремни горештини. Од година на година, шумските пожари ја пустошат државата и сè поголем е бројот на предвремени смртни случаи што ѝ се припишуваат на изложеноста на концентрации на ПМ-честички.

Големи ризици од поплави и од шумски пожари

Во 2016 година, Македонија беше на 18. место на климатскиот индекс на „Џерманвоч“, според степенот на загрозеност од климатските промени, пред сè поради извонредно студената зима, со температури што паѓаа и под 20 Целзиусови степени, како и поради катастрофалните поплави што зафатија делови од Скопје, со црн епилог – 22 смртни случаи и загуби од 100 милиони американски долари. Токму поплавите помеѓу 1990 и 2023 година се нотирани во најновиот извештај на Европската агенција за заштита на животната средина (ЕЕА) како најчести и најштетни природни опасности за Македонија. Од ЕЕА оценуваат дека климатските промени во следниот период ќе ги зголемат зачестеноста и интензитетот на поплавите и на свлечиштата, но и на шумските пожарите.

Според „Тинк хазард“, оценето е дека има висок ризик од речни поплави во долините на Вардар, Брегалница, Црна Река, Пчиња и на Црн Дрим, каде што на многу места напролет доаѓа до излевање на реките, како последица на топењето на снегот од околните планини. Очекуваната појава на животозагрозувачки поплави со голема материјална штета во овие подрачја е најмалку еднаш на 10 години. Во поглед на шумските пожари, целата територија на Македонија е под висок ризик, што значи дека веројатноста од настанување шумски пожари, кои предизвикуваат загуба на биодиверзитетот и значителна материјална штета, секоја година е над 50 проценти.

– Ризиците од поплави од излевање на реките, особено во урбаните средини, се особено високи, а проекциите укажуваат на поинтензивни поплави и на намалување на достапноста на вода за 18 % до 2100 година, заедно со зголемените ризици од суша, го прави земјоделството особено ранливо, ги зголемува ризиците од ерозија на почвата и предизвикува намалени приноси на земјоделските култури, особено на пченица и на пченка. Овие промени им се закануваат на јавната безбедност, инфраструктурата и на клучните сектори на економијата – се потенцира во извештајот на ЕЕА.

Токму производството на храна, според ЕЕА, е третата најважна економска активност во земјата, која е тесно поврзана со еколошките и со социјалните предизвици. Во извештајот се нагласува дека македонскиот земјоделски сектор се соочува со дополнителен предизвик, а тоа се урбанизацијата и стареењето на населението. Имено, се посочува дека 58 % од населението во Македонија живее во градовите, а земјоделството ангажира само 14 % од работната сила.

– Користењето енергија од обновливи извори е клучно за поддршка на напорите за намалување на еколошкиот отпечаток на земјоделството. Секторот покажа отпорност во текот на економски кризи, истакнувајќи ја важноста на континуираната соработка меѓу властите, невладините организации и локалните заедници за изградба на одржлива и просперитетна иднина за земјоделството во Македонија- се оценува во извештајот.

Анализите на сценаријата на експертите покажуваат дека шумарството придонесува за најголемо намалување на емисиите на стакленички гасови во земјоделството и за користење на земјиштето. Од ЕЕА сметаат дека се потребни околу 93 милиони евра да инвестира земјата во натамошно спроведување на постојните мерки за сегашните емисии на стакленички гасови да се намалат за над 50 % до 2040 година.

Висока смртност од загаден воздух  

Загадениот воздух е особено голем предизвик за населението во градовите во Македонија, особено во Скопје. Иако од 2005 до 2021 година се намалило загадувањето на воздухот во нашата земја, главно поради намалената употреба на фосилни горива за производство на електрична енергија, гасификацијата на топланите во главниот град и одредено подобрување на греењето на домовите поддржано од владини субвенции, сепак, од Агенцијата нотираат дека „земјата сè уште е изложена на концентрации на честички што ги надминуваат годишните гранични вредности на ЕУ, а особено оние на Светската здравствена организација“.

– Според податоците на Европската агенција за животна средина, во периодот 2005–2022 година, во Македонија бројот на предвремени смртни случаи што ѝ се припишуваат на изложеноста на концентрации на честички со дијаметар од 2,5 микрограми на кубен метар или помалку, т.е. ПМ 2,5- честичките, кои ја надминуваат годишната граница на СЗО, се намалил за речиси 43 %. Според националните процени, во периодот 2019–2021 година, 4.175 смртни случаи ѝ се припишувале на изложеноста на ПМ 2,5, што е 17 % од вкупната смртност од сите причини (за лицата на возраст од 30 години или повеќе) во земјата. Проценетата стапка на смртност е 348,4 на 100.000 жители, што е значително повисока стапка од онаа во претходниот тригодишен период (2018–2020 кога беше 319,4 на 100.000 жители). Ова може да се објасни и со високото ниво на прекумерна смртност во земјата во текот на пандемијата ковид-19 – се вели во извештајот.

Поради изложеност на лош квалитет на воздухот, во земјава, во периодот 2018-2020 година се проценува дека годишно згаснувале околу 3.800 животи, што претставува 17,7 % од вкупната смртност на населението.

– Светската банка процени дека економските загуби и трошоците од овие ефекти изнесуваат помеѓу 5,2 и 8,5 % од БДП во 2016 година – се вели во извештајот.

Од Европската агенција за заштита на животната средина посочуваат дека го анализирале периодот од 2007 до 2023 година и даваат препораки за наредниот период. Посочуваат дека Владата секоја година одвојува средства за заштита на животната средина, но дека треба да го прават тоа и компаниите.

– Трошоците за заштита на животната средина достигнаа највисоко ниво од 1,7 % од БДП во 2018 година, но голем дел од средствата се фокусираа на управување со отпадот, а не на пошироки зелени напори. Овие предизвици ја нагласуваат потребата од поголема поддршка за да им се помогне на бизнисите да придонесат кон фер зелена транзиција. Поголемите компании, особено оние со меѓународни врски, усвојуваат еколошки и социјални програми, но повеќето мали и средни претпријатија немаат ресурси за иницијативи за одржливост, честопати гледајќи на нив како финансиски товар – се наведува во извештајот.

Затоа, според ЕЕА, земјата мора да работи на обезбедување фер зелена транзиција, преку справување со социјалната нееднаквост и поддршка на ранливите групи.

– Социјално инклузивната зелена транзиција е од витално значење за да се обезбеди дека нејзините придобивки се распределуваат подеднакво низ сите заедници – сметаат од ЕЕА.

Климатски промени – ДА или НЕ

Претседателот на САД, Доналд Трамп, на седницата на Генералното собрание на Обединетите нации што се одржа минатата недела, истакна дека „овие климатски промени се најголемата измама што е извршена некогаш врз светот. Сите предвидувања направени од ОН и од многу други беа погрешни. Тие беа направени од глупави луѓе, кои ги чинеа своите земји богатство. Ако не се извлечете од оваа зелена измама, вашата земја ќе пропадне“.

Трамп ги нападна напорите на ОН за климатските промени, велејќи дека ја повлекол Америка од „лажниот“ Париски договор за климата, затоа што „Америка плаќала многу повеќе од која било друга земја, другите не плаќале“. Професорот на Машинскиот факултет, Ристо Цицонков, вели дека климатските промени се реалност и сите ги чувствуваме.

– Милиони луѓе низ целиот свет може да сведочат за пустошот што го донесоа климатските промени во нивните животи. Доказите не се апстрактни. Тие се доживеани, смртоносни се и бараат итна акција. Парискиот договор е обврзувачки документ, донесен со меѓународен консензус во 2015 година, во кој секоја земја е замолена да постави своја национална цел за ограничување на емисиите што ја затоплуваат планетата и да одлучи колку пари ќе даде за земјите што се најтешко погодени од климатските промени. Потребна е помош, бидејќи се загрозуваат животите на многу невини луѓе во светот – вели Цицонков.

Според професорот, стручното мислење на научниците е меродавно дали климатските промени се измама или не.

– Претпоставувам дека Трамп ги застапува интересите на милијардерите што работат со нафта и со гас, како и газдите на разни индустриски капацитети базирани на фосилни горива. Сè додека пазарната економија, односно профитот има приоритет пред заштитата на животната средина, климатските промени ќе се зголемуваат – нагласува професорот Цицонков.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ