Чадот од шумските пожари е особено штетен, бидејќи е мешавина од различни соединенија, вклучително и штетни честички и гасови, што претставува сериозен ризик за здравјето на секој што е изложен на него. Кире Михаилов, заменик-директор во ЈП „Национални шуми“, веќе десетина дена е на терен и координира и помага во гаснењето на пожарот во Дојран. Посочи дека успеал да извади жив еден од спасувачите, кој поради вдишување чад паднал на линијата од огнот, бранејќи ја викендичката на чичко си.

Славе беше буквално дезориентиран. Среќен сум што го извлеков од огнот и го однесов на сигурно. Се надевам дека и чичко му и братучед му, кои останаа во викендичката заобиколени од огнот од сите страни, за кратко ќе бидат добро – објави Михаилов на „Фејсбук“

Големиот број активни шумски пожари во државата придонесоа за зголемување на концентрацијата на загадувачки материи во воздухот, како ПМ-честичките и јаглерод моноксидот. Чадот од шумските пожари е особено штетен, бидејќи е мешавина од различни соединенија, вклучително и штетни честички и гасови, што претставува сериозен ризик за здравјето на секој што е изложен на него, не само за луѓето туку и за животните и се смета за еден од најсериозните облици на загадување.

На чадот од пожарите особено се загрозени пожарникарите и другите лица што помагаат во справувањето со огнената стихија. Кире Михаилов, заменик-директор во ЈП „Национални шуми“, веќе десетина дена е на терен и координира и помага во гаснењето на пожарот во Дојран, кој првично беше локализиран, а од неделата повторно излезе од контрола и се прошири кон Радовиш. Тој посочи дека успеал да извади жив еден од спасувачите, кој, поради вдишување на чад, паднал на линијата од огнот, бранејќи ја викендичката на чичко си.

– Славе беше буквално дезориентиран. Среќен сум што го извлеков од огнот и го однесов на сигурно. Се надевам, за кратко и чичко му и братучед му што останаа на викендичката заобиколени од огнот од сите страни, ќе бидат добри – објави Михаилов на „Фејсбук“.

Објавувајќи свои фотографии од лекарски преглед, Михаилов рече дека заминува на неколкудневна пауза.

– За кратко се гледаме повторно онаму каде што ќе бидам најпотребен, рамо до рамо со нашите сограѓани, во добро и зло, за арно и убаво – напиша Михаилов.

Преспа под закана од еколошка катастрофа

Преспанскиот Регион утринава повторно беше обвиен во густ чад, откако беснее пожар во паркот на природата „Езерани“ – едно од најзначајните заштитени подрачја во земјава кога станува збор за биолошката разновидност.

Македонското еколошко друштво алармира дека пожарот, кој избувнал во неделата, веќе направил огромна штета врз живиот свет. Паркот е дом на бројни автохтони растителни и животински видови, од кои дел се строго заштитени. Според еколозите, не се загрозени само ретките видови туку и целиот екосистем на Преспанското Езеро, чие здравје е тесно поврзано со состојбата во „Езерани“.

Покрај природната штета, постои сериозна опасност за приватните поседи и за овоштарниците во населените места што се граничат со паркот. Локалното население е во страв и неизвесност, додека квалитетот на воздухот и животната средина се влошуваат од час во час.

Во борбата со огнената стихија се вклучени сите расположливи локални ресурси, но од Македонското еколошко друштво велат дека не е доволно тоа. Потребна е итна интервенција и поддршка од државните институции, како и активирање на сите капацитети за гаснење на пожарот по воздушен и по копнен пат.

– Брзата реакција е неопходна за спас на „Езерани – порачуваат од Друштвото, повикувајќи ги надлежните органи, инспекциските служби и противпожарните единици на итна мобилизација.

 Пожари

Студиите што го анализираат чадот од шумските пожари покажуваат дека често тој содржи: водна пареа, честички, трагови од минерали, јаглероден диоксид и јаглероден моноксид, како и азотни оксиди. Исто така, содржи јаглеводороди и соединенија на азотните оксиди, кои придонесуваат за покачени нивоа на озон. Особено штетни се ситните ПМ 2,5-честички, кои може директно да навлезат во белите дробови.

Најопасни се ултраситните честички, кои претставуваат 90 % од сите честички во воздухот. Тие може да се апсорбираат директно во крвотокот и да допрат до кој било орган или дел од телото.

Каков ќе биде составот на чадот, зависи, пред сè, од видот на пожарот, односно какви видови дрво и вегетација се зафатени, колку влага содржат, температурата што се постигнува при пожарот, условите на ветерот, како и други влијанија поврзани со временските услови.

Мерните станици на Државниот автоматски мониторинг систем на Министерството за животна средина вчера покажуваа дека среднодневните концентрации на сулфур диоксид, азот диоксид и на ПМ 10-честичките, како и на јаглероден моноксид и на озон се во рамките на граничните вредности на сите мерни места. Од почетокот на овој месец, кога добија пожарите на интензитет, мерната станица Центар покажала мало надминување на дозволените концентрации на ПМ10-честичките, и тоа само на 17 јули, потоа мерната станица Битола 2 на 15 јули, а мерната станица во Лисиче на 9 јули, како и мерната станица во Гевгелија. Дали се должи тоа на ветерот, кој вчера, иако дуваше со умерена брзина, ги раздува отровите во воздухот.

На 9 јули се случи големиот пожар на депонијата во Визбегово, во Општина Шуто Оризари, каде што гореше отпад и огромен црн и густ чад се издигна над Скопје, а изгорени парчиња летаа во воздухот. Миризбата на изгорено беше интензивна преку целиот ден, а само по неколку часа откако пламените јазици гo проголтаа отпадот со стари возила, мерните станици во Скопје регистрираа скок до AQI 229 (Илинден) и AQI 198 (Центар) – ниво што е нездраво за сите групи. Од Армијата веднаш упатија тим од Четата за атомско биолошка и хемиска одбрана да собере податоци за утврдување на квалитетот на воздухот од запалениот отпад. Мерната станица Центар покажа дека два последователни дена била надмината концентрацијата на јаглероден моноксид (15 мг/м3), а дозволеното ниво е 10 мг/м3.

МН: Од вдишување чад, особено ранливи се децата, постарите лица и хронично болните

Пожарите на отворено не носат само пепел и паника, тие испуштаат коктел од токсични честички што сериозно го загрозуваат здравјето. При горење шума и ниска вегетација, се ослободуваат ПМ2,5 и ПМ10, кои навлегуваат длабоко во белите дробови, додека чадот од депониите содржи диоксини, фурани и тешки метали со канцероген потенцијал. Навлегуваат длабоко во организмот, предизвикувајќи воспаленија, хронични болести и сериозни оштетувања на респираторниот и на кардиоваскуларниот систем. Особено ранливи се децата, постарите лица и хронично болните.

Едно истражување спроведено врз повеќе од 10.000 возрасни лица во САД открива дека чадот од пожарите има непосредно влијание врз когнитивните функции – не само во часовите по изложеноста туку и наредниот ден. Податоците покажуваат дека има поголеми ефекти врз оние што биле изложени на погуст чад и оние што вдишале чад од шумски пожари во западниот дел на САД.

Други истражувања од Австралија, каде што шумските пожари се честа појава, откриваат дека ситните честички во чадот предизвикуваат оксидативен стрес – состојба во која нестабилните молекули во организмот ги оштетуваат клетките. Ова, пак, води кон воспалителни процеси во мозокот, што значително го зголемува ризикот од когнитивни нарушувања, губење на меморијата и подложност на невродегенеративни заболувања како Алцхајмерова и Паркинсонова болест.

Систематски преглед на истражувања објавен минатата година ги сумира овие наоди и укажува дека изложеноста на екстремна топлина и чад – феномени што стануваат сè почести поради климатските промени – имаат долготрајни последици врз способноста на телото да ја регулира температурата, врз когнитивните функции и, на крајот, го зголемуваат ризикот од развој на невролошки заболувања.

Но, што можеме да направиме за да ги минимизираме овие ризици? Лекарите препорачуваат да се избегнува излегување надвор, особено во периодот кога е најтопло, но и кога се најактивни пожарите. Чадот од шумските пожари е особено ризичен за возрасните, бремените жени, малите деца, но и за луѓето со хронични срцеви заболувања. Марк Лакс, раководител на Одделот за геријатриска и палијативна медицина при Медицинскиот колеџ „Вајл Корнел“, предлага граѓаните да инвестираат во прочистувачи на воздухот, а доколку подолго време има пожар, да се избегнува излегување на отворено, односно да се седи дома со затворени прозорци и врати. Тој порачува доколку мора да се извезе надвор, да се носи N95-маска, која може да филтрира поголеми честички од воздухот.

Високите температури – опасност за нови пожари

Високите температури ќе продолжат и во наредните денови, а од Управата за хидрометеоролошки работи предвидуваат дека ќе надминат 40 Целзиусови степени, што ќе претставува дополнителна опасност за појава на нови пожари на територијата на нашата држава. Токму затоа, од Главниот штаб за управување со кризи упатија апел граѓаните да ги почитуваат мерките и насоките за одговорно однесување од надлежните институции и внимателно да се однесуваат, бидејќи и најмало невнимание може да биде причина за пожар.

Надица В`чкова, портпарол во Центарот за управување со кризи, денеска информираше дека во изминатото деноноќие успешно се изгаснати 23 пожари на отворен простор, а до 14:00 часот во текот на денешниот ден се евидентирани вкупно 9 пожари на отворен простор, од кои: шест се активни, два се ставени под контрола  и еден е изгаснат.

Активни се пожарите во Општина Василево – село Нивичино, каде што горат нискостеблеста шума, смрека и ниска вегетација, во Општина Македонски Брод – село Грешница, каде што горат мешана шума и сува трева, потоа во Општина Македонски Брод – помеѓу селата Црешнево, Локвица и Крапа, каде што горат деградирана дабова шума, грмушки и ниска вегетација, во Општина Прилеп помеѓу селата Царевиќ, Смолани и Радобил, во местото викано Радобилски Рид, каде што горат мешана шума и нискостеблеста вегетација, потоа во Општина Ресен – село Волкодери кон местото викано Сирхан, каде што горат трски и сува трева, како и во Општина Желино – село Церово, каде што гори нискостеблеста деградирана шума.

Под контрола се ставени пожарите во Општина Дојран – село Николиќ и во Општина Велес – кај селата Џидимирци, Крушје  и Иванковци. Изгаснат е пожарот во Општина Желино – село Групчин.

(С. Бл.) – (А. П.)

ИЗДВОЕНИ