За дел од големиот број пожари што ја сардисаа Македонија, истражните органи имаат основани сомневања дека се подметнати, односно, дека се дело на подметнувачи – пиромани, кои намерно ги предизвикуваат огнените стихии. Дека е можно пожарите да се подметнати, се сомнева и универзитетскиот професор Стојан Трошански. Тој за весникот ВЕЧЕР вели дека со оглед на огромниот број пожари што се случуваат на територијата на Македонија и на Балканот, симптоматични се локациите каде се настанати. Тој смета дека треба да се формира посебно национално тело со кое би биле први во регионот, а кое сериозно ќе го третира овој вид на т.н. елементарна непогода, која директно ја загрозува животната средина и треба да подлежи под еколошки криминал.
За дел од големиот број пожари што ја сардисаа Македонија, истражните органи имаат основани сомневања дека се подметнати, односно, дека се дело на подметнувачи – пиромани, кои намерно ги предизвикуваат огнените стихии. За едно лице Основното јавно обвинителство – Скопје предложи притвор за предизвикување општа опасност од пожар согласно со член 288, став 1 од Кривичниот законик, бидејќи намерно иницирал пожар со кој предизвикал значителна опасност за животот и телото на луѓето и за имотот од големи размери.
– На 6 јули на улица „Ѓорче Петров”, осомничениот 57-годишник со запалена хартија од табла за јајца потпалил сува трева. Со настанатиот пожар биле зафатени и изгорени околу 200 квадратни метри тревна површина, а постоела реална опасност огнот да излезе од контрола и да зафати неограничен круг објекти во населено подрачје. Имајќи ја предвид заканата и тежината на кривичното дело за кое е предвидена затворска казна до пет години, јавниот обвинител оцени дека постои ризик осомничениот да се даде во бегство за да го избегне кривичниот прогон, па до Судот достави предлог за определување мерка притвор – соопштија од ОЈО – Скопје.
Досега МВР приведе седуммина за предизвикување општа опасност по неколку дена од избувнувањето на големите пожари во околината на Скопје, но и во останатите делови на државата. Минатиот четврток во вечерните часови е приведен 74-годишен жител на Мала Речица, општина Тетово. Тој на својата нива вршејќи земјоделски работи на неколку места на нивата запалил сува трева и отпадоци. Огнот на нивата бил изгаснат од страна на Територијалната противпожарна единица Тетово, а против тетовецот ќе биде поднесена кривична пријава за предизвикување општа опасност.
Претходните денови, пак, беа уапсени две лица. Полициската патрола ги фатила како палат кабли во близина на сува трева и дива депонија меѓу скопските села Кадино и Миладиновци, со што е предизвикан мал пожар. Со брза реакција пожарот е изгаснат.
Во рамки на засилените полициски активности во врска со пожарите во Скопскиот Регион, полицијата приведе тројца малолетници, странски државјани во близина на месноста Ајватовски рид кај населбата Илинден. Кај нив беше пронајден ранец со две шишиња од по еден и пол литар бензин, две петарди, запалка и течен лепак.
Сомневања дека пожарите се подметнати
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, веднаш изрази сомневање дека пожарите се подметнати од човечки фактор. Исто така, сомневања искажаа и премиерот Христијан Мицкоски и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Тошковски рече дека се преземаат интензивни активности за расчистување на причините за избувнување на пожарите во државата, со цел санкционирање на сите евентуални сторители на ваквиот вид кривични дела. Мицкоски за приведените тројца малолетници, странски државјани, рече дека доказите најдени кај нив укажуваат на тоа дека постои основано сомневање за координирана и добро осмислена акција, посебно во Скопје. Ангелов, пак, за пожарот на Скопска Црна Гора во општина Чучер-Сандево посочи дека се пронајдени дрвени пелети полиени со бензин, фрлени во грмушки смреки и благодарение на тоа што биле забележани предвреме, се отстранети за да не ги разгорат пожарите.
Дека е можно пожарите да се подметнати, се сомнева и универзитетскиот професор Стојан Трошански. Тој за весникот ВЕЧЕР вели дека со оглед на огромниот број пожари што се случуваат на територијата на Македонија и на Балканот, симптоматични се локациите каде се настанати.
– Се сомневам и лично сметам, иако немам докази, но набљудувајќи ја состојбата со пожарите кај нас, на Балканот и пошироко, дека самото избувнување на пожарите е генерирано за некои повисоки цели и може да се гледа од друг аспект како дел од некоја агенда. Затоа, овие случаи треба подетално да се истражат. Како научник, сметам дека државните служби задолжени за безбедноста на државата, како Министерството за внатрешни работи и Армијата, треба подетално да го анализираат теренот зафатен со пожарите и да направат посебна анализа ангажирајќи стручни лица од безбедносните науки вмрежени заедно со лица што работат на т.н. климатски промени за да се дојде до евентуални предвидувања, да се добие научна прогноза за потенцијалните ризици од појава на пожари – вели Трошански за весникот ВЕЧЕР.
Тој смета дека треба да се формира посебно национално тело со кое би биле први во регионот, а кое сериозно ќе го третира овој вид т.н. елементарна непогода, која директно ја загрозува животната средина и треба да подлежи под еколошки криминал.
– Морам да напоменам дека основано се сомневам оти приведените лица – потпалувачи, можно е и да не се вистинските најодговорни за предизвикување на пожарите. Развојот на технологијата овозможува предизвикувањето на ваков вид елементарна непогода да се врши со модерни технички средства, како дронови. Затоа, мора безбедносните служби да имаат целосен скрининг врз пазарот на дронови, кој ги купува и за која намена ги користи. Исто така, можам да кажам дека одредени пожари може да се предизвикаат и со ласери и од сателит – вели Трошански.
Само една условна казна во изминативе десет години
Иако човечкиот фактор во предизвикување на пожари е на врвот на листата, кривична одговорност за тоа нема. Податоците од Судскиот портал покажуваат дека во изминативе десетина година има донесено само една пресуда за предизвикување шумски пожар и тоа од страна на судот во Дебар. Имено, дебарчанец доби условна затворска казна од една година затоа што од небрежност предизвикал пожар на отворено. Имено, тој подготвувал јадење на плинска боца која експлодирала и ја запалила сувата трева во околината. Пожарот брзо се раширил и зафатил државната шума од површина на 50 илјади квадратни метри нанесувајќи огромна штета.
Во велешкиот суд веќе петта година трае судскиот процес за случајот со пожарот на езеро Младост. Обвинети за пожарот, кој на 26 август 2019 ја зафати околината на велешкото езеро Младост, се двајца работници и една градежна фирма, кои тврдат дека се невини.
Во Кривичниот законик, член 227 е предвидено кривично дело – предизвикување шумски пожар, но досегашната практика вели дека потпалувачите најчесто се гонат за предизвикување општа опасност, според членот 288. Разликата меѓу двете кривични дела е висината на затворската казна. Така, за предизвикувањето општа опасност, казната е од шест месеци до пет години, а ако е од небрежност, може да се изрече и парична казна.
За делото „предизвикување шумски пожар“, членот гласи: „Тој што ќе предизвика шумски пожар, па поради тоа ќе настапи штета од големи размери, ќе се казни со најмалку осум години затвор. Со иста казна ќе се казни и тој што ќе предизвика пожар во заштитена шума, национален парк или во друга шума со специјална намена. Тој, пак, што ќе предизвика два или повеќе шумски пожари, ќе се казни најмалку десет години затвор. Ако делото е сторено од небрежност, сторителот ќе се казни со затвор од три до пет години“.
– Основната разлика меѓу кривичните дела од член 227 и член 288 од Кривичниот законик (КЗ) е во тоа што со член 227 се санкционира тој што ќе предизвика шумски пожар и од пожарот ќе настане штета, што значи пожарот мора да е предизвикан во шума, национален парк, заштитено подрачје и сл. и од пожарот да настанала штета, додека со член 288 се санкционира тој што со пожар ќе предизвика значителна опасност за животот или телото на луѓето или за имот од големи размери, што значи пожарот може да избувнал каде било, но да била предизвикана значителна опасност за луѓето или имотот – вели адвокатката Сузана Јошевска Анастасовска за весникот ВЕЧЕР.
Таа појаснува дека во суштина, иако пожарот како дејство може да биде заеднички елемент, кривичното дело од член 227 од КЗ е специјализирано и се однесува исклучиво на предизвикување шумски пожар, додека кривичното дело од член 288 се однесува на предизвикување општа опасност за луѓето и имотот преку различни дејства и за неговото постоење е доволно да се создаде состојба на опасност, без нужно да настане штета.
Според неа, доколку се утврди дека со пожарот се одело кон тоа да се создаде чувство на несигурност или страв кај граѓаните или да се присили некој да направи или да не направи нешто, таквото дело согласно со член 394-б од КЗ се класифицира како кривично дело Тероризам.
– Тероризам е едно од најсериозните дела од КЗ и нужно треба да бидат исполнети и докажани овие елементи (принуда, страв, несигурност кај граѓаните и сл.) за да одговара некој, со оглед дека казната може да биде и доживотен затвор. Според тоа, разликата не е само во објектот на заштита туку и во намерата. Важно е да се напомене дека до измените на Кривичниот законик во септември 2023 година за кривичното дело од член 227 од КЗ – Предизвикување шумски пожар беше предвидена казна од најмалку осум години, па можеби ова е одговор на прашањето зошто се создала практика пријавите да се поднесувани по друг член, односно по член 288 од КЗ – Предизвикување на општа опасност каде сторителите можат да бидат казнети и поблаго. По измените на КЗ за ова дело е предвидена основна казна до три години, односно, до пет години, зависно од големината на штетата, а само доколку е предизвикана штета од големи размери или ако се предизвикани два или повеќе пожари, казната е минимум четири, односно, минимум пет години – потенцира Јошевска Анастасовска.
Активни се шест пожари
Активни се шест пожари на отворен простор заклучно со денеска до 12:30 часот, од вкупно девет, од кои изгаснати беа три пожари на отворено.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) соопштија дека се активни пожарите во Општина Дојран кај с. Николич каде гори нискостеблеста шума, во Општина Чучер-Сандево кај с. Горњани каде е опожарена нискостеблеста шума, во Општина Велес кај селата Џидимирци и Крушје гори мешана шума, во Општина Македонски Брод помеѓу с. Црешнево, с. Локвица, с. Крапа и с. Слатина гори деградирана дабова шума, грмушки и ниска вегетација, во Општина Гази Баба кај с. Раштак кон с. Љуботен гори ѓубре и во Општина Сарај кај с. Крушопек кон с. Лака, каде исто така гори ѓубре.
Изгаснати се пожарите во Општина Битола кај населбата Баир каде горело ѓубре, во Општина Кичево на ул.„Прилепска“ гореше дива депонија и во Општина Кратово кај с. Туралево каде гореле грмушки и ниска вегетација.
(С.Бл.)