Грчките земјоделци вечерва повторно го затворија граничниот премин Евзони кон нашата земја за влез и излез од Грција за сите видови возила, блокада, што се очекува да трае до 22 часот по македонско, односно 23 часот по грчко време, јави дописничката на МИА од Атина.
Конкретниот граничен премин и вчера беше затворен во попладневните часови, по пауза од три дена поради празниците.
Како што претходно објави МИА, на денешниот состанок на земјоделците од цела Грција, беше одлучено в четврток и петок да се блокира целата национална патна мрежа, споредните патишта и клучните патни правци во Грција, како и граничните премини, но веројатно само за камиони.
Протестите на земјоделците траат над еден месец, започнаа на 30 ноември, додека пак ден подоцна, на 1 декември беа паркирани трактори и на граничниот премин Евзони, каде што речиси секојдневно на неколку часа го блокираат сообраќајот за сите возила.












