Проектот на Еурофарм Пелистер продолжува онаму каде што застана на крајот од минатата сезона. Клубот како шампион на Македонија и учесник во Лигата на шампионите ги започна подготовките за новата сезоната и со нов тренер, повтороно Шпанец.

По спогодбената разделба со Раул Алонсо, клубот одбра сличен модел на млад и амбициозен тренер од Шпанија за продолжување на растот на процесот. Рубен Гарабаја Аренас е нов тренер на Еурофарм Пелистер за следната сезона, со опција за продолжување на уште една ако двете страни се согласни. Трофејното шпанско име од играчките денови и млад стручњак со голем потенцијал доаѓа во Битола и  ќе прозива во спортската сала „Боро Чурлевски“.

Гарабаја има 46 години и полна витрина медали и одличја од богатата играчка кариера. Играше 168 пати за шпанската репрезентација на позиција кружен напаѓач, постигна 318 гола и освои светска титула од Тунис 2005 година, сребро од Европскиот шампионат во Швајцарија следната година, бронза од Олимписките игри во Пекинг во 2008 година и Мундијалот во Шведска во 2011 година. Рубен Гарабаја доаѓа од Астурија, кариерата ја започна во Адемар Леон (освои Куп на Кралот и ЕХФ Куп на Купови), играше за Фригорификос де Моразо и Ваљадолид, за 2007 година да го облече дресот на Барселона. Со Барса освои три АСОБАЛ лиги, два Купа на Кралот, а играше и во финалето на Лигата на шампионите во сезоната 2009/10. Од 2010 до 2018 година настапуваше за Натухаус Ла Риоха од Логроњо, клуб во кој ја заврши играчката и ја започна тренерската кариера.

Гарабаја тренерскиот занает го започна во Логроњо како асистент тренер во 2018 година. Три години остана во Натурхаус Ла Риоха и го прифати првиот меѓународен предизвик како селектор на женската репрезентација на Кина. Во 2021 година го на покана на Роберто Гарсија Парондо работи како асистент тренер во египетската репрезентација. Во овој период од две години освојува злато од шампионатот на Африка и сребро од Медитеранските игри. Во 2022 година почнува самостојна тренерска кариера во шпанскиот клуб Синфин Сантандер, каде што работеше се до повикот од Битола.

 

 

ИЗДВОЕНИ