Токму така, целиот Балкан, а најсилно, логично, неговата родна Македонија, денес по 18. пат се потсети на ангелот Тоше. Иако поводот е тажен бидејќи музичката ѕвезда го загуби животот во тешка сообраќајна несреќа кај Нова Градишка, Крушево, градот на неговото детство, достоинствено му се оддолжи на својот Тошка, како што нагалено го ословуваа(т) сограѓаните.
Во негов спомен, традиционално се одржа и маратон, од Нова Градишка до Крушево, на кој оваа година се трчаше по 18. пат. Маратонците го започнаа „патувањето“ пред спомен-обележјето на Тоше во Нова Градишка, а вчера на годишнината од неговото само физичко заминување, тие пристигнаа на вечното почивалиште на Гумење, во Крушево.
Со песните што ги пееше во професионалниот живот и со хуманоста во приватниот живот, Тоше остави траен белег на генерации низ целиот Балкански Регион, не само на просторите на поранешната Југославија.
Тодор Проески-Тоше е роден на 25 јануари 1981 година, а својот талент го покажа уште како дете, настапувајќи на фестивалот „Златно славејче“ во 1992 година, каде ја испеа песната на влашки јазик. Кариерата ја започна со победата на „Мелфест“ во Прилеп, во 1997 година, по што настапуваше на најголемите фестивали во регионот. Блесна во 2004 година кога ја претставуваше Македонија на Песна на Евровизија во Истанбул. Истата година беше именуван за амбасадор на УНИЦЕФ.
Во текот на својата куса, но богата музичка кариера, издаде седум албуми, од кои повеќето покрај македонски, беа објавени на српски и на хрватски јазик. Последниот, „Игри без граници“, беше промовиран само две недели пред трагедијата, а неговиот последен голем концерт кој беше хуманитарен, се одржа на 5 октомври 2007 година на Градскиот стадион во Скопје.
И сега, повторно е тажниот октомври… само што овој октомври на тој „другиот свет“ доколку постои, Тоше стана веќе возрасен. Дури и во вистинскиот овоземски свет 18 години наполни кога го сними својот прв албум. Горан Милошески е композиторот што ја напиша првата песна за Тоше, „Пушти ме“. Тој е човекот што го откри талентот на Проески, неговата харизма, кои беа заедно пуштени на најсилно. Милошески беше и првиот што го ословуваше со прекарот Тоше. Пред тоа беше исклучиво Тодор Проески. Постоеше иницијатива на тогаш новонадежниот пејач да му се врати старото влашко презиме Проја. Сепак, тоа не се случи, па идната музичка ѕвезда за секој од нас остана само Тоше! Сите се сложни и понатаму со констатацијата, да не беше таа сообраќајна несреќа, Тоше денес ќе беше новиот Павароти. До толку! Воопшто не беше самобендисан туку вредно учеше од многу негови постари естрадни колеги, од: Мишо Ковач, Оливер Драгојевиќ, Здравко Чолиќ, Аки Рахимовски, Ѓорѓе Балашевиќ, Арсен Дедиќ, Драган Мијалковски, Мики Јевремовиќ, Владо Јаневски а, од големата Есма Реџепова со која ја сними песната „Магија“ во дует, научи дури, и тоа како, да се движи со микрофон на сцената.
Сите оние што внимателно ја следеа неговата кариера, а тоа се најчесто новинарите, и ден-денес тврдат дека еуфоријата која владееше за Тоше е слична на онаа од времето на „Битлси“, „Абба“ и Елвис Присли. И сè беше како во некоја бајка. На српскиот фестивал „Беовизија“ убедливо победи со легендарната „Чија си“. И пак ќе кажеме, да не се случеше 16 октомври 2007 година, денес Тоше на овој свет би имал 44 години, веројатно би бил и оженет и би имал свои деца. А и понатаму би ни порачувал со специфична насмевка: „Ве сакам сите“! Впрочем, како што остана за навек и ние да го сакаме, да ги памтиме само најсреќните денови со песните испеани од неговиот ангелски глас. (Д. М.) фото: архива