Повремените врнежи поволни за земјоделството

16

Променливото време со повремени врнежи од дожд ги одржува земјоделските култури во активна состојба, со доволно влага во почвата, но претставува и своевиден ризик  од појава на плевел, болести и штетници поради големата релативна влажност на воздухот, велат агрометеоролозите од УХМР.

Поради тоа, препорачуваат производителите да ѝ посветат поголемо внимание на заштитата на посевите.

Според агрометеоролозите, новите врнежи прогнозирани за оваа недела ќе придонесат за дополнување на вештачките акумулации.

– На некои места, претежно во североисточните и во источните подрачја, минатата недела имаше поинтензивни процеси во форма на невреме, со пообилен пороен дожд, силен ветер (над 60 км/ч и со изолирана појава на град. Тоа нанесе штета на некои земјоделски површини. Ноќта во петокот кон саботата и во саботата претпладне беше нестабилно, со локални поројни врнежи од дожд и грмежи. Преодно стабилизирање на времето имаше во неделата, а денеска, како и вчера, се очекуваат повремени врнежи. При вакви временски услови, земјоделските производители треба да ѝ посветат поголемо внимание на заштитата на посевите од плевел, појава на болести и штетници, да преземат соодветни агротехнички мерки поради постоењето оптимални услови за нивно ширење и развој – советуваат агрометеоролозите.

Воедно, предупредуваат производителите да преземат мерки за уништување на плевелот, како што е плитката обработка на почвата, бидејќи неговата појава може значително да ги намали приносот и квалитетот.

– Треба да се преземат превентивни мерки за зацврстување на пластениците и на другите конструкции и да се расчистат одводните канали за полесно одлевање на површинските води. Во случај на појава на електрични празнења, се препорачува поголема внимателност, да не се престојува под отворен простор – порачуваат агрометеоролозите.

 

ИЗДВОЕНИ