Во пресрет на новогодишните празници, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) спроведе 262 вонредни инспекциски контроли за контрола на безбедноста на детските новогодишни пакетчиња. Контролите беа спроведени во магацини за пакување пакетчиња, маркети и во продавници што вршат промет со овој вид производ.

– Поради несовпаѓање на роковите на збирната декларација со поединечните рокови на производите во пакетчето и поради некомплетни декларации, инспекциските служби на АХВ издадоа четири решенија со наредба за повлекување од промет на новогодишни пакетчиња, а на двајца оператори со храна им се издадени решенија со наредби за ставање збирни декларации на пакетчињата. Со спроведените 262 инспекциски контроли на безбедноста на новогодишните пакетчиња, нема оператори со храна што се парично казнети, ниту е поништена небезбедна храна – соопштија од АХВ.

Во споредба со лани спроведените контроли на безбедноста на оваа категорија производи, кога беа утврдени несоодветно означување на пакетчиња, немање декларации и наведен рок на употреба на збирно пакување и беа најдени пакетчиња со производи со поминат рок на употреба и со краток рок на трајност на производите, како и производи со променети органолептички својства, годинава кај операторите е утврдена само минимална недоследност.

И покрај тоа, АХВ и во наредниов период, особено пред и по новогодишните празници, ќе продолжи со спроведувањето контроли за следење на безбедноста на оваа категорија производи.

ИЗДВОЕНИ