Намерата на премиерот Христијан Мицкоски да свика лидерска средба на која би се договорило укинувањето на „пржинската влада“ пред секои парламентарни избори, ги подели редовите на опозициските партии. Додека од редовите на најголемата опозициска партија СДСМ и денеска повторија дека категорично се спротивставуваат на укинувањето на техничката влада која се формира на 100 дена пред секои парламентарни избори со учество на опозицијата, дел од опозициските партии – Левица и ЛДП – денеска соопштија дека го поддржуваат укинувањето на моделот договорен пред десет години на меѓупартиските преговори во скопската населба Пржино, како и учеството на средбата. Но, и овие партии кои се подготвени да се појават на средбата што е планирана за 14 јануари, имаат свои дополнителни барања и услови на „менито“, за кои би сакале да се разговара со премиерот и со лидерите од партиите од владината коалиција. Дел од опозициските партии, како ДУИ, сè уште не се изјаснуваат и тоа го оставаат за периодот по примањето на официјалната покана.
Сето тоа го става премиерот Христијан Мицкоски во ситуација да реши дали да ја свика лидерската средба во ситуација кога дел од опозициските партии би отсуствувале, а дел би се појавиле следната средба во Клубот на пратеници. Односно, да процени дали и во таква ситуација да се оди кон укинувањето на моделот на „пржинска влада“, кој предвидува сто дена пред парламентарните избори најголемата опозициска партија да раководи со министерски ресори за внатрешни работи и за социјална политика, а во неколку други министерства да има дополнителни заменици – министри. Од Владата денеска не можеше да се добие информација дали поканите за лидерската средба се испратени или тоа ќе се случи денес – утре, како што вчера најави првиот човек на Владата.
Остри пораки на СДСМ кон власта, но и кон опозицијата
Лидерот на опозициските социјалдемократи, Венко Филипче, на денешниот брифинг со новинари повторно порача дека „средба со криминалци нема да има“.
– Техничката влада мора да остане затоа што таа е последната линија на одбрана од целосно заробување и злоупотреба на најважното, а тоа е слободната волја на граѓаните за време на изборниот процес. Таа може да се укине само тогаш кога ние би биле зрело општество, а ние, во овој момент, не сме тоа. Не смее да се укине техничката влада, затоа што е тоа само светлина, единствена можност за чесни и фер избори. Тие не ја сакаат техничката влада, затоа што кога ќе влезе министер од опозиција, ќе има увид во сите злоупотреби и во целиот коруптивен систем. Не сакаат техничка влада, затоа што тоа за оваа власт ќе значи отворање на Пандорината кутија – рече Филипче.
Тој нагласи дека на Мицкоски „му се брза“ и дека „се бара алиби за распишување избори, не му треба дијалог, туку покритие.“
– Оваа власт агресивно ги стави канџите на сите институции и ги злоупотребува во свои политички цели. Се гледа окупирање на правосудниот систем и воспоставување на целосна контрола на Обвинителството, се врши притисок врз Судскиот совет и се носат измени на Кривичниот законик кои ѝ одговараат само на власта. Тоа не се прави случајно, се прави за да се заштитат криминалот и корупцијата. Само техничка влада, која има присуство на опозицијата во владата, може да гарантира фер и демократски изборен циклус. Таа влада не е само техничко тело туку институционално вето против воспоставување на авторитарен режим – нагласи Филипче.
Тој упати и остра порака до други партии кои планираат да отидат на лидерската средба.
– Кој оди на состанокот инициран од Мицкоски, тој е поддржувач на изолацијата на земјата и дава легитимитет на сите антидржавни политики и што е најлошо, дава легитимитет на криминалот и корупцијата. „Кој оди на таков состанок, јавно се декларира дека е соработник на тендерската коалиција. Време е да се знае кој е за Македонија, а кој е за криминал, кој е за изолација а кој е за прогрес и интеграција. ЕУ нема алтернатива – нагласи лидерот на СДСМ.
Ставовите на СДСМ наидоа и на реакција на Движењето ЗНАМ, од каде што соопштија дека „бегањето од лидерска средба е признание за политичка слабост и страв од граѓаните“.
– Бегањето од лидерска средба е признание за политичка слабост и за страв од граѓаните. Наместо одговорност за сопственото минато, СДСМ повторно бега од разговор и се крие зад техничката влада како последен штит од соочување со граѓаните. Одбивањето на дијалог е признание за слабост. На Македонија ѝ се потребни политичка храброст и зрелост, а не бегање од одговорност и блокади. Потребен е отворен и искрен дијалог, а не уцени и калкулации, како и јасна определба за иднината, наместо одржување стравови и манипулации – велат од Движењето ЗНАМ.
Левица и ЛДП подготвени и со дополнителни барања
Меѓутоа, и покрај тврдиот став на СДСМ од редовите на другите опозициски партии, доаѓаат најави за подготвеност да се поддржи укинувањето на техничката влада. Опозициската Левица вчера соопшти дека се залага за укинување на техничката влада, како и за укинување на дополнителните заменик-министри со право на вето.
– Техничката влада функционира како „фасада и привид на фер и демократски избори“, зад која продолжуваат политичката нееднаквост, селективноста и цензурата. Укинувањето на техничката влада би било прифатливо само доколку е проследено со вистински, а не со декларативни демократски реформи – соопштија од партијата.
Како клучен предуслов, Левица го посочува воведувањето на една изборна единица, со цел секој глас да вреди еднакво. Вториот услов е укинување на политичката цензура и обезбедување еднаков пристап до медиумско претставување за сите политички субјекти.
– Демократијата не се мери со бројот на договори меѓу партиските елити, туку со тоа дали гласот на секој граѓанин вреди еднакво и дали секоја политичка опција има право да биде слушната – порачуваат од Левица, потсетувајќи дека една изборна единица е и предизборно ветување на ВМРО-ДПМНЕ.
Лидерката на опозициската партија ЛДП, Моника Зајкова, за весникот ВЕЧЕР вчера изјави дека одржувањето на лидерската средба има смисла, но треба да се разговара за пошироки и посуштински теми.
– ЛДП смета дека лидерска средба има смисла. На неа мора да се разговара за суштински реформи, а не за пазарски и ПР-решенија. Затоа, ние сме подготвени да одиме на лидерска средба, но не само за укинување или задржување на техничката влада како изолирана и празна тема, туку заради одговори на клучните прашања кои директно го засегаат животот на граѓаните. Несериозно е политиката да се сведе на тоа: „ние сме за укинување“ или „ние сме против укинување“ на техничката влада. И што потоа? Ако се укине или ако не се укине ?! Дали ќе јадеме поевтино? Дали ќе дишеме почист воздух? Дали ќе добиеме повеќе неповратни средства од Европската Унија? Дали конечно ќе ја решиме корупцијата? Ако одговорот е не – тогаш темата, сама по себе, е празна – нагласи Зајкова.
Таа додаде дека на средбата треба да се разговара и за тоа што некои министерства доцнат со реализација на реформската агенда.
– До каде е пакетот системски реформи што треба да ја придвижи државата напред? На граѓаните им е преку глава од парцијални изјави и ад-хок решенија. Таквиот пристап покажува дека граѓаните не се точка на интерес, туку само алатка за медиумска доминација. На Македонија не ѝ се потребни 120, туку 90 пратеници. На Македонија не ѝ се потребни 25, туку 15 функционални министерства. На Македонија не ѝ е потребна техничка влада, туку ефикасен, рационален и деполитизиран систем – една изборна единица, отворени листи и можност граѓаните сами да одлучат кој ќе ги претставува. Да, треба да разговараме. Но, за вистински и суштински реформи. Сè друго би било губење време на грбот на граѓаните – наведува Зајкова во изјавата за ВЕЧЕР.
Арта Биљали, партиската портпаролка на ДУИ, пак, ни рече дека во партијата сè уште не е добиена покана од премиерот Мицкоски за средба поради што својот конечен став за евентуалното учество ќе го изградат подоцна. (Б. Ѓ.)
ВМРО-ДПМНЕ: Филипче одбива подадена рака за градење политички консензус
Венко Филипче не одбива само лидерска средба, Филипче одбива дијалог и подадена рака за градење политички консензус за државните интереси, реагира денеска владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ на ставовите на лидерот на опозициските социјалдемократи.
– Иако СДС и Филипче не ја вадат од уста европската интеграција на Македонија, уште еднаш покажаа дека тоа не ги интересира, дека тоа им е пропаганда за гола политика. Затоа што на лидерската средба, на која Филипче одбива да биде дел, ќе се разговара за реформските закони кои се дел од реформската агенда за ЕУ, која има за цел унапредување на економскиот пораст и на стабилноста на државата. Венко Филипче покажа дека сè што добро во државата и за неа, му пречи. Му пречат реформите во правосудството, во безбедноста, слободата на изразување како и напредокот на државата. На таканаречен брифинг со новинарите, Филипче потврди дека го интересира само неговата партиска фотелја во СДС, која верно му ја чува на неговиот ментор и верен другар од лудите журки по Дубаи и по Халкидики – соопштија од владејачката партија.
Се додава дека на брифингот се видело дека на Филипче му сметал и системот „Безбеден град“, кој покажа дека е многу ефикасен во гарантирањето на безбедноста на сите учесници во сообраќајот.
– На Македонија не ѝ треба ваква опозиција, која е против сè, само за да биде против. Време е Филипче да се надмине себеси, затоа што државата има потреба од одговорни и сериозни политичари – порачаа од оваа партија.
СДСМ ќе учествува на изборите дури и да се укине техничката влада
На новинарско прашање дали би учествувале на избори доколку власта ја укине техничката влада, Филипче рече дека СДСМ апсолутно би учествувал на избори.
– Да, апсолутно, ќе учествуваме на секакви избори и ќе се бориме со сите демократски средства против оваа недемократска власт. Но, се поставува друго прашање кое произлегува од ова – зошто би ја укинал сам техничката влада, ако се знае дека се носи со консензус – рече тој.
Според него, доколку и натаму опстане „пржинската влада“, во ситуација кога сега има поголем број ресори во Владата, потребно е да се изврши модификација на ресорите што треба да ѝ припаднат на опозицијата. Но, тоа прашање е само формално.
Лидерот на социјалдемократите додаде и дека тие ќе ги поддржат законите од реформската агенда во македонското Собрание. Но, проблемот со нив бил во тоа што доцнат и во нив не се вградуваат сите забелешки на оценската мисија.
Тој вели дека доколку има техничка влада, техничкиот министер за внатрешни работи, кој треба да биде од редовите на опозицијата, ќе гарантира дека системот „Безбеден град“ нема да се злоупотреби за следење на движењето на поединци од опозицијата со оглед на тоа што, како што рече, системот не е регулиран со ниту еден закон.












