Изградбата на повеќенаменската спортска сала во ПОУ „Круме Кепески“ во Припор е во напредна фаза и ќе биде завршена во текот на второто полугодие. Ова го констатираше градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, која вчера изврши увид во градежните активности.
Од Општина Кисела Вода информираат дека се работи за спортски објект со површина од околу 500 квадратни метри, кој ќе им обезбеди на учениците современ простор за спортски активности, а училиштето ќе може да организира повеќе настани, натпревари и вежби во услови што ги следат највисоките стандарди за безбедност и функционалност. Изградбата на салата се реализира со финансиска поддршка добиена од Владата преку повикот за изградба на капитални објекти во општините.
– Многу сум задоволна што учениците на ПОУ „Круме Кепески“ наскоро ќе добијат современ простор за спорт. Физичката активност е од исклучително значење за здравјето и развојот на децата, но, исто така, ги учи на тимска работа, дисциплина и на одговорност. Со оваа сала, училиштето ќе може да организира редовни часови по физичко образование, тренинзи и натпревари, но и различни спортски настани што ќе ги мотивираат децата да се занимаваат со спорт уште од мали нозе. Горда сум што во нашата општина, преку соработка со Владата и преку вложување во капитални објекти, создававме услови што ги поддржуваат младите и нивниот здрав развој – изјави Стаменкоска- Трајкоска.












