Бранејќи го прекројувањето на државната каса, заменик-министерот за финансии, Николче Јанкуловски, на почетокот на дебатата во собраниската Комисија за финансирање и буџет истакна дека со приспособување на фискалните проекции на расходната страна се дообезбедуваат средства за исплата на плати, зголемен е трансферот до Фондот за ПИОМ заради повисоките пензии, а се обезбедуваат и дополнителни средства и за проекти од област на животната средина, поддршка во енергетиката, културата и образованието, набавка на инсулин и медицинска опрема, без да се промени нивото на буџетскиот дефицит. За претседателот на Фискалниот совет, Глигор Бишев, е клучно економското почитување на фискалните правила и Благица Петрески од „Фајнанс Тинк“, која смета дека треба многу да се внимава со корекцијата на овие примања, бидејќи може да се подгрее инфлацијата, која според новите прогнози се очекува да биде повисока, но и да се продлабочи дупката во ПИОМ каде постојано се зголемува дотурот на пари
Поефикасно и поодговорно управување со јавните финансии, со фокус на стабилност, отчетност и ефективност во трошењето, ќе донесе ребалансот на буџетот за 2025 година, истакна заменик-министерот за финансии, Николче Јанкуловски, на почетокот на дебатата во собраниската Комисија за финансирање и буџет. Тој бранејќи го прекројувањето на државната каса истакна дека со приспособување на фискалните проекции на расходната страна ќе се овозможи реализација на стратешките приоритети без да се промени нивото на буџетскиот дефицит.
– Со ребалансот се зголемуваат расходите до крајот на годината за околу 3,5 милијарди денари, односно, се дообезбедуваат средства за исплата на плати, зголемен е трансферот до Фондот за ПИОМ заради повисоките пензии, а се обезбедија дополнителни средства и за проекти од област на животната средина, поддршка во енергетиката, културата и образованието, набавка на инсулин и медицинска опрема, како и за други програмски и проектни активности со едновремено искористувања на средствата од предходните години на посебните сметки, особено за Министерството за одбрана – наведе Јанкуловски и побара од пратениците поддршка за изгласување на ребалансот.
Вкупните приходи се проектирани на ниво од 362,4 милијарди денари, а расходите на износ од 403,7 милијарди денари, по еден процент (околу 3,5 милијарди денари) повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за годинава. Проекцијата за БДП останува 3,7 проценти, а инфлацијата е проектирана на ниво од 2,8 проценти. Буџетскиот дефицит останува непроменет и во апсолутен износ и како процент од БДП, односно 41,3 милијарди денари или 4 проценти од БДП. Капиталните расходи, пак, на износ од 47,5 милијарди денари. Државниот долг на крајот на 2025 година според проекциите на Владата ќе изнесува 53,3 проценти од БДП, а јавниот долг се очекува да биде на нивото од 62,1 процент.
Стапката на невработеност се очекува да се намали на ниво до 11,1 проценти во 2025 година, а стапката на вработеност да достигне 47 проценти. Како што нагласи Јанкуловски, годинава се очекува понатамошно стабилизирање на инфлацијата проектирана со ребалансот на ниво од 2,8 проценти.
– Се очекува забрзување на економската активност од бруто-инвестициите и нема отстапување од проекцијата за пораст на БДП од 3,7 проценти имајќи предвид дека остварувањата во првиот квартал од 3,2 проценти се во рамки на очекувањата со изгледи за понатамошно интензивирање – истакна Јанкуловски.
Тој соопшти дека во периодот јануари – мај годинава вкупните приходи на Буџетот се реализирани во износ од 132,6 милијарди денари или околу 37 проценти од проекцијата со Буџетот за 2025 година, а вкупните расходи во износ од 151,4 милијарди денари, односно 37,8 проценти од проекцијата.
Проектираниот дефицит за 2025 година во износ од 41,35 милијарди денари и одлив во износ од 82,5 милијарди денари, (за отплата на надворешен долг 49,2 милијарди денари, за домашен долг 17,01 милијарди денари, како и по гаранции во износ од 1 милијарда денари и по даден заем кон Развојна банка во износ од 15,4 милијарди денари) ќе се финансираат преку домашно и странско задолжување.
Државата не создава буџетски суфицит, туку позајмува за да врати стар долг
Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, вели дека државата не создава буџетски суфицит за да го намали јавниот долг, туку позајмува за да врати стар долг. Само во следните четири години, посочува министерката на „Фејсбук“, секоја година ќе враќаме по една еврообврзница, сите издадени од претходната влада. Тоа, нагласува, е наследството што го сервисира оваа влада.
– Државата во овој момент не создава буџетски суфицит за да може да го намалува во апсолутни износи јавниот долг. Како резултат на тоа ние имаме години во кои имаме големи доспевања на еврообврзница или на државни хартии од вредност, кои мораме да ги обезбедиме. Тоа значи да позајмиме за да вратиме. Е сега, нам следната година ни доспева еврообврзница од 700 милиони евра. Оваа година ни доспеа обврзница од 500 милиони евра. Тоа се се обврзници што ги издаде претходната влада. Па по таа од 500 повторно, па 700 милиони. Буквално во четири години ние имаме секогаш еднаш годишно да вратиме некоја еврообврзница што ја издала претходната влада – вели Димитриеска-Кочоска.
Клучно е економско почитување на фискалните правила
Претседателот на Фискалниот совет, Глигор Бишев, во обраќање на дебатата за ребалансот на Буџетот за 2025 година во матичната собраниска комисија праша дали се движиме во насоката што е усвоена со Фискалната стратегија. Според него, клучно е економското почитување на фискалните правила.
Бишев истакна дека ревидираниот Буџет е во согласнот со буџетската стратегија и ја повтори препораката доколку инвестиците за капитални расходи не се реализираат како што се проектирани да не се пренаменуваат за тековни расходи, туку да се заштедат и да се пренаменат за трошења за наредните години. Фискалниот совет направи две сценарија, едно без значителни структурни промени и реформи со пораст од 3 проценти и второ, со позначителни инвестиции на приватен и јавен сектор, пораст на продуктивноста и реформи, со пораст од 3,7 до 4 проценти од БДП годишно.
Фискалниот совет до Комисјата за финансирање и буџет достави три документи, Мислење за буџетот, за Фискалната стратегија и Анализа дали постои фискален простор за евентуално дополнително задолжување и дали тоа значително ќе ја наруши стабилноста на буџетот.
Фискалниот совет, како што рече, ја охрабрува определбата да се води сметка за секој трошок, вклучително и трошокот на задолжување, кој достигна два процента, каматните расходи достигнаа скоро два процента од БДП. И од тој апсект ако се погледа примарниот буџетски дефицит, ќе се види дека тој многу побргу се намалува од вкупниот буџетски дефицит.
– Најголем предизвик е што целиот овој дефицит е резултат на тековните расходи. Значи, капиталните расходи во однос на планирањето се рализирани со 22,5 проценти и од тој аспект доколку очекуваме забрзување на капиталните расходи до крајот на годината, постои голем ризик доколку не се остварат проектираните приходи, особено ДДВ, наша препорака е тоа да се следи и навреме да се реагира – оцени Бишев.
За предлогот за изменување и дополнување на Законот на буџетот за 2025 година се поднесени преку 200 амандамни. Расправата ќе трае и во наредните девет дена.
Каде ќе бидат префрлени повеќе пари за плати со ребалансот на буџетот?
Најмногу пари од ребалансот, освен за сервисирање долгови, отплата на камати земени од земјава и странство, покривање на штети од елементарни непогоди, за непредвидени расходи, за финансирање на проекти од ИПА-програмата, ќе одат и за министерствата за социјала, образование, одбрана, транспорт, МВР.
Повеќе пари за плати од буџетот одат и за кабинетот на претседателот на државата, па така таму просечната месечна исплатена бруто плата е пресметано да биде над 100 илјади денари. Повеќе за плати ќе има и за вработените во Агенција за разузнавање, за Службата за општи заеднички работи на Влада, за судската власт. Плус средства ќе има и за примања во МВР, а таму ќе се вработат и 160 лица плус. Во Управата за извршување на санкции бројот на вработени ќе падне за околу 60 лица, но и тие ќе добијат повеќе пари за плати.
Со новото прекројување, од државната каса таму ќе се префрлат плус 40 милиони евра. Анализите покажуваат дека трошокот за пензии за една година се зголемил за речиси 17 отсто. Експертите сметаат дека треба многу да се внимава со корекцијата на овие примања, бидејќи може да се подгрее инфлацијата, која според новите прогнози, се очекува да биде повисока, но и да се продлабочи дупката во ПИОМ каде постојано се зголемува дотурот на пари.
– За порастот на пензиите што отстапува од законското решение ние во повеќе наврати реагиравме дека, секое такво отстапување има два ризика. Тоа значи дека буџетскиот дефицит нема да се намалува со темпо што се очекува, нема бргу да стигнеме до оние 3 проценти од БДП, а вториот ризик е ризикот од стабилноста на пензискиот систем и дефицитот што таму ќе се креира во пензискиот систем кој се надополнува преку вкупниот буџет. Апсолутно треба да се задржиме само на усогласувањата што се законска основа, вели Благица Петрески од „Фајнанс Тин“.
Според неа, проектираниот пораст на даночните приходи е амбициозен, а од друга страна, нема надолна корекција на дефицитот, односно на минусот во касата.
– Тоа е едно амбициозно и оптимистичко ниво, земајќи ја предвид стапката на пораст на економијата и стапката на инфлација – вели Петрески.
Премиерот очекува буџетскиот дефицит да биде понизок од 4%
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, очекува буџетскиот дефицит да биде понизок од четири отсто, а веќе наредната година да биде подолу од 3 отсто. Тој посочи дека во делот на фискалното консолидирање, за жал, претходната влада ја има испуштено можноста, кога сите економии го имаат направено тоа и сега ќе мора оваа Влада да го направи тоа.
– За жал, со неразумните трошења на претходната Влада не успеавме да го постигнеме тоа. Она што исто така сакам да го кажам, а охрабрува, а што го слушнав денеска на состанокот со претставници од Светска банка, е дека тие во позитива ја коригираат проекцијата за пораст на македонската економија, од 2,8 на 3 отсто, што не е доволно, бидејќи ние мислиме дека според нашите проекции ќе биде 3,5 и погоре, 3,7, зошто да не и 4 отсто – изјави Мицкоски.
Премиерот додаде дека сите индикатори говорат дека една бизнис-околина, која се креира без политички притисоци врз бизнисот, со владеење на правото, со жестока борба против криминалот и корупцијата, полека, но сигурно дава резултат.
– Се разбира, на препораките на фискалниот Совет ние сериозно им пристапуваме, ги разгледуваме, ги анализираме и секоја конструктивна забелешка е добредојдена – вели Мицкоски.
Што се однесува за зголемување на пензиите, премиерот Мицкоски одговори дека во ребалансот на буџетот е предвидено зголемување на пензиите, согласно со Законот.
(С.Бл.)