Загубите на вода во општинските водоснабдителни системи и натаму се високи, иако во 2025 година е забележано минимално намалување. Според најновиот годишен извештај на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад, вкупните загуби на вода на национално ниво лани достигнале 63,05 %, што е за 0,16 % помалку во споредба со 2024 година.

Податоците покажуваат дека повеќе од половина од произведената вода не стигнува до крајните корисници, што, според РКЕ, укажува на потребата од поголеми инвестиции во водоводната инфраструктура и санација на дотраената мрежа.

Во извештајот е наведено дека просечната месечна потрошувачка на вода кај домаќинствата во 2025 година изнесувала 12,59 кубни метри, што претставува намалување од 0,33 кубни метри во однос на претходната година. Најмала потрошувачка е регистрирана во Југозападниот Регион, каде што домаќинствата трошеле просечно 8,67 кубни метри вода месечно, додека најголема потрошувачка има во Вардарскиот Регион, со 15,10 кубни метри.

РКЕ информира дека фактурираната количина вода во 2025 година изнесувала 36,95 % и останува речиси непроменета во споредба со 2024 година, кога била 36,79 %. Најголем процент неприходувана вода е забележан во Југозападниот Регион, каде што загубите достигнуваат дури 73 %. Од друга страна, најниско ниво на неприходувана вода е евидентирано во Југоисточниот Регион, со 47,88 %.

Позитивен тренд, според извештајот, е зголемената покриеност со водоснабдување во сите региони низ државата. Највисока покриеност има во Источниот Регион, со 92,58 %, додека најголем годишен раст од над 3% е регистриран во Југоисточниот Регион, каде што покриеноста достигнала 87,50 %. Од РКЕ посочуваат дека подобрувањето се должи на новите инвестиции во проширување на водоводната мрежа, како и на процесот на приклучување на помалите рурални водоснабдителни системи кон поголемите градски мрежи.

Во текот на 2025 година, РКЕ донела 34 решенија за утврдување тарифи за снабдување со вода за пиење, кои потоа се разгледуваат и одобруваат од советите на општините. Дополнително, донесени се и девет конечни регулаторни тарифи, кои се задолжителни за примена во случаи кога општинските совети не го прифаќаат предложениот опсег на цени.

ИЗДВОЕНИ