Поединци, организации и јавни тела во Украина поднеле повеќе од 86.000 барања за компензација на штетата што ја претрпеле од руската воена агресија врз нивната земја. Овие барања се архивирани во регистарот на штети формиран пред две години, а неделава Европската Унија формираше и меѓународна Комисија за воени репарации за Украина, која ќе одлучува за тие барања. Целта е да се обезбеди Киев да биде обесштетен за штетата од стотици милијарди долари предизвикана од руските напади и наводни воени злосторства.
Деновиве одржаниот собир во Хаг, на кој беше формирана Комисијата со учество на 34 европски лидери, вклучувајќи го и украинскиот претседател, Володимир Зеленски, се совпадна со дипломатската иницијатива на САД за прекин на војната во Украина.
– Секое руско воено злосторство мора да има последици за оние што го сториле. Овде почнува вистинскиот пат кон мирот. Не е доволно да се натера Русија да се согласи. Не е доволно да се запре убивањето. Мора да ја натераме Русија да прифати дека постојат правила во светот – рече Зеленски пред да ја потпишат европските лидери конвенцијата за формално формирање на Комисијата.
Сепак, сите се свесни дека самото формирање на Комисијата не значи дека може Украинците да очекуваат брза исплата на воена отштета за претрпената штета, истакнува „Ројтерс“. Деталите за тоа како би се исплатила секоја отштета доделена од Комисијата, со седиште во Холандија, сè уште не се разработени. Во раните разговори се споменуваше користењето на руските средства замрзнати од ЕУ, со дополнителни придонеси од земјите членки.
– Целта е да се утврдат валидни барања, кои на крајот ќе ги плати Русија. Навистина мора да ги плати Русија. Оваа Комисија не нуди никаква гаранција за отштета – рече холандскиот министер за надворешни работи, Давид ван Вил.
Особено е проблематично обесштетувањето на жртвите на злоупотреби во Украина, од сексуално насилство и депортација на деца до уништување верски објекти, зашто амнестијата за воени злосторства може да стане дел од евентуален мировен договор. Такво нешто претходно предложи администрацијата на американскиот претседател, Доналд Трамп.
Руските претставници не беа веднаш достапни за коментар за формирањето ваква комисија, а освен тоа, Кремљ ги негира обвинувањата за воени злосторства. Исто така, Комисијата би можела да работи ако се обезбедат доволно средства за нејзино финансирање. Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика, Каја Калас, изјави, како што објави агенцијата „Асошиејтед прес“, дека Унијата ќе издвои еден милион евра за финансирање на работата на Комисијата, а се проценува дека се потребни вкупно околу 3,5 милиони евра.
Светската банка процени дека трошоците за реконструкција на Украина во следната деценија ќе изнесуваат 447 милијарди евра, односно речиси три пати повеќе од вкупниот БДП на Украина во 2024 година.












