
Повеќе од 700 летови низ САД беа откажани денес, бидејќи Федералната администрација за авијација (FAA) продолжува да го ограничува капацитетот на летови на 40-те најголеми аеродроми во земјата поради затворањето на владата, објавија американските медиуми.
Досега, 754 летови се откажани низ целата земја, а вкупниот број би можел да ја надмине бројката од петок од 1.024 откажувања до крајот на денот, објави „Еј-би-си њуз“.
Покрај бројните откажувања, аеродромите низ САД доживуваат и значителни одложувања на летовите поради недостиг на персонал во центрите за контрола на воздушниот сообраќај.
Министерот за транспорт Шон Дафи предупреди дека ако владиното затворање продолжи, ќе има уште намалувања на летови.
„Се надевам дека владиното затворање наскоро ќе заврши и дека ќе можеме повторно да ги натераме Американците да летаат“, изјави тој за „Еј-би-си“.
Дафи додаде дека Министерството за транспорт би можело да побара од авиокомпаниите да откажат повеќе од 10 проценти од своите летови ако продолжи недостигот од контролори на летање.
Тој рече дека FAA побарала од приватните авиони да избегнуваат користење на аеродромите погодени од намалувањата на летовите, иако не им е забрането да го прават тоа.
Дафи рече дека приватните авиокомпании соработуваат и избираат алтернативни аеродроми за да го намалат притисокот.
Според секретарот, FAA одлучила да не ги намалува меѓународните летови бидејќи тоа би ги прекршило меѓународните договори со други земји.











