Само неколку часа пред крајот на учебната година и првите големи заминувања за летните распусти и одмори, некои мораа да ги реорганизираат своите планови бидејќи денес во Франција беа откажани повеќе од 1.000 летови, особено на аеродромите во Париз и во Ница, на вториот ден од штрајкот на контролорите на летање, пренесе „Бета“.
Неколку стотици илјади луѓе веќе беа погодени во четвртокот во Франција и во остатокот од Европа од штрајкот, започнат од два малцински синдикати кои бараат подобри услови и повеќе вработени.
Вкупно 1.125 летови беа откажани денес во Франција, според податоците од Француската управа за цивилно воздухопловство.
Штрајкот завршува вечерва, а се очекува воздушниот сообраќај да се врати во нормала утре.
Во Ница, вториот најпрометен аеродром во Европа за деловни авиони, половина од сите комерцијални летови (околу 220 денес) се откажани, како и речиси сите летови со приватни авиони.
Последиците од штрајкот се чувствуваат надвор од границите на Франција, а главното европско здружение на авиокомпании, „Ерлајнс за Европа“ (A4E), проценува дека 1.500 летови ќе бидат откажани низ цела Европа во четврток и денес, „што ќе влијае на околу 300.000 патници“.
„Ер Франс“ потврди дека бил „приморан да го прилагоди распоредот на летови“, без да го прецизира бројот на откажани летови, но додаде дека летовите на долги релации не се засегнати од штрајкот.