Во изминатите 12 месеци, еден од четворица ученици (25 %) изјавил дека се коцкал за пари. Коцкањето со физичко присуство е почесто (21 %) отколку онлајн коцкањето (15 %), иако двете се значајно застапени. Проблематичното коцкање се зголемило од 4,5 % во 2019 година на 7,6 % во 2024 година кај оние што се коцкаат (9,3 % од момчињата и 4,1 % од девојчињата во 2024 година), покажaло истражувањето на ИЈЗ. – Како што имаме извори на загадување на воздухот, имаме и извори на загадување на духот. За профит, создаваме сакати генерации, дозволуваме младите да се навлечат на порок, зависност што се лекува исто или потешко од зависноста од дрога. Создаваме млади луѓе што се неспособни за работа и учење. Кој профит го оправдува ова? – прашуваат од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“, која лани мапирала речиси 60 казина и обложувалници на територијата на Општина Центар, што е, како што велат, повеќе од сите детски и спортски игралишта во Општината. Притоа, бараат казината и обложувалниците да бидат во зони надвор од градот, но и да има засилени контроли при влезот во нив
Во изминатите 12 месеци, еден од четворица ученици (25 %) изјавил дека се коцкал за пари. Коцкањето со физичко присуство е почесто (21 %) отколку онлајн коцкањето (15 %), иако двете се значајно застапени. Проблематичното коцкање се зголемило од 4,5 % во 2019 година на 7,6 % во 2024 година кај оние што се коцкаат (9,3 % од момчињата и 4,1 % од девојчињата во 2024 година), покажало истражувањето на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Извештајот на ИЈЗ е насловен „Европски проект за истражување во училиштата за алкохол и други дроги во Македонија“ (ЕСПАД).
Ова истражување нуди суштински и навремен преглед на однесувањето, ставовите и ризичните средини на учениците на возраст од 15 до 16 години во Македонија. Со национално репрезентативен примерок од над 2.800 ученици, студијата ги истакнува постојаните и новите модели на употреба на супстанции, како и поврзаните психосоцијални и бихејвиорални трендови.
Целна популација на истражувањето се учениците родени во 2008 година, кои биле запишани во прва година во средните училишта во Македонија. Оваа популација е избрана во согласност со ЕСПАД- протоколот, кој се фокусира на учениците што имаат 15 или 16 години, возрасна група за која се смета дека е изложена на зголемен ризик од започнување на употреба на супстанции.
Рамката за земање примероци ги вклучила сите редовни средни училишта (општи и стручни) во државава, додека приватните училишта и училиштата за деца со посебни потреби не биле земени предвид. Учествувале 96 училишта со 182 паралелки и 2.865 ученици, кои го пополниле прашалникот.
И од „Шанса за Центар“ укажуваат на проблемот со коцкањето. Тие минатата година извршиле мапирање на казината, автомат-клубовите и на обложувалниците, според кое на територијата на Општина Центар биле регистрирани речиси 60 казина и обложувалници. Притоа, констатираат дека ги има повеќе од сите детски и спортски игралишта во оваа Општина.
– Како што имаме извори на загадување на воздухот, имаме и извори на загадување на духот. За профит создаваме сакати генерации, дозволуваме младите да се навлечат на порок, зависност што се лекува исто или потешко од зависноста од дрога. Создаваме млади луѓе што се неспособни за работа и учење. Кој профит го оправдува ова?! – прашуваат од „Шанса за Центар“.
Бидејќи инвестициите во коцкарниците се странски, од иницијативата веќе побараа истите правила да важат и кај нас како во земјите од кои доаѓаат.
Тие додаваат дека 500 метри далечина е ништо за децата, бидејќи тоа е помалку од 10 минути пешачење.
Притоа, бараат казината и обложувалниците да бидат во зони надвор од градот, но и да има засилени контроли при влезот во нив.
– Бараме драстични казни ако се затече малолетник во коцкарница, казино и казните да бидат транспарентни и да излегуваат во билтен, која коцкарница дозволила и колку е казнета. Бараме казните да бидат транспарентни и да се евидентираат платните налози, дека е платена казната. Со години се толерираат обложувалниците и коцкарниците, како последица се јавија „брзите пари“, кои дополнително ги уништуваат личностите и семејствата – реагираа уште претходно од иницијативата.
(А. П.)












