Хартиените потврди за царински долг што се потребни за упис и промени на правниот субјект, стануваат минато. Централниот регистар со само еден клик ги добива овие податоци од Царинската управа, што за фирмите и за граѓаните значи заштеда на време и на ресурси. Истовремено, се овозможуваат безбедност, интегритет и точност на обезбедените податоци, со што се дејствува и во насока на спречување можни измами.
Ова го соопштија директорите на Царинската управа и на Централниот регистар, Бобан Николовски и Анита Стамнова, кои на прес-конференција информираа за електронското поврзување на двете институции.
Како што напомена Николовски, досега годишно се издавале по 7.000 до 9.000 хартиени потврди за царински долг, што значело од пет до десет дена обработка на секое барање и административен товар за фирмите и за граѓаните во целата држава.
– Сега граѓаните нема да мораат веќе да доаѓаат лично до централната управа во Скопје или да ангажираат адвокати што ќе им ги вршат овие услуги во нивно име и за нивна сметка. Со овој чекор, јасно ги покажуваме нашите заложби за создавање подобри услови за водење бизнис, преку намалување на бирократските процедури и зголемување на ефикасноста на администрацијата, како едно од клучните ветувања пред бизнис-заедницата. Бизнисот нема време за чекање, а ние, како институции, сме должни и јасно ги демонстрираме нашите напори кон создавање одржливо општество во кое економскиот раст ќе биде придвижуван од зголемената ефикасност и од довербата во системот – рече тој.
Според Стамнова, ако порано биле потребни неколку дена за добивање на потребните потврди од Царината, како и да се патува од другите градови во Скопје, сега, преку електронско поврзување, потврдите ќе се добиваат за неколку минути.
– Ова е првата фаза од надградбата на едношалтерскиот систем. Втората фаза е надградба во однос на документите што се добиваат од УЈП – потврдата за платени даноци и придонеси. Потоа ќе следува поврзувањето со Централниот регистар на население за автоматско преземање на податоците на граѓаните и на деловните субјекти за платените царински давачки – рече Стамнова.
Централниот регистар и Царинската управа, додаде таа, остануваат посветени на трансформацијата на услугите, со фокус на корисниците и на нивните потреби, користејќи модерни дигитални технологии за овозможување поедноставни и поефикасни услуги.
– Продолжуваме да ги развиваме нашите услуги и ги охрабруваме за меѓусебна соработка сите чинители во давањето јавни услуги за бизнисите и за граѓаните, со цел спроведување поефикасни електронски услуги, односно градење функционален систем на јавни услуги, како основа за враќање на довербата во институциите на државата – рече Стамнова.












