Народната банка, во рамките на девизните резерви, располага со околу 6,9 тони монетарно злато, со тековна пазарна вредност од околу 800 милиони евра. Златото се чува во трезорот на Банката на Англија во алоцирана (асигнирана) форма и го сочинуваат маркирани златни прачки, кои во целост ги исполнуваат стандардите на пазарот на злато во Лондон. Станува збор за прачки со содржина на злато од најмалку 99,5 % или тежина од околу 400 фини унци, односно околу 12 килограми.

Гувернерот Трајко Славески и неговиот тим извршија увид во златото и условите во кои се чува во трезорот на Банката на Англија. Одлуката тоа да се чува во Банката на Англија беше донесена во 2010 година, имајќи ги предвид сигурноста и флексибилноста што ги нуди инфраструктурната поставеност на централната банка, како и пристапноста до пазарот на Лондон, како најголем пазар со злато во светот.

– По претходно доставено барање до Банката на Англија, беше издвоен и презентиран примерок од соодветен број златни прачки во сопственост на македонската држава. Гувернерот, заедно со својот тим експерти, изврши визуелна проверка на примероците, при што беше утврдено дека тие одговараат на сериските броеви и дека се со правилна форма, која соодветствува на утврдените стандардни спецификации – известија од Народната банка.

Ова злато, при поволни пазарни услови, покрај неговата значителна ценовна апрецијација, може да се искористи и за остварување дополнителни монетарни приходи преку пласмани на краткорочни депозити и склучување трансакции со злато со централни и првокласни странски деловни банки.

Во трезорот на Банката на Англија се наоѓа една од најголемите резерви на злато во светот. Банката на Англија се грижи за повеќе од 400.000 златни прачки вредни милијарди фунти. Златото се чува многу внимателно, според највисоките безбедносни стандарди. Владата на Обединетото Кралство, банките и другите влади низ светот имаат право да чуваат злато во Банката на Англија.

ИЗДВОЕНИ