Потврдена е националноста на загинатите во несреќата во Лисабон

207
EPA/MIGUEL A. LOPES

Португалската полиција денес објави дека е потврдена националноста на сите 16 лица кои загинаа во несреќата на жичницата Глорија во Лисабон.

Меѓу жртвите се пет португалски државјани, тројца британски, двајца јужнокорејски, двајца канаѓани и по еден швајцарски, украински, американски и француски државјанин, пренесе Португалската радио и телевизија.

Полицијата, исто така, прецизираше дека германскиот државјанин кој претходно беше прогласен за мртов е сè уште жив и хоспитализиран во болницата Сао Хозе, и дека човекот е извлечен од урнатините.

Официјалниот број на жртви сега е 16, наместо 17 како што претходно објавија медиумите. Според полицијата жртвите се идентификувани врз основа на научни методи во соработка со Националниот институт за судска медицина и судски науки, пренесува Танјуг.

Жолтата жичница излета од шините за време на вечерниот шпиц во среда, 3 септември, околу 18 часот по локално време и се удри во зграда во центарот на португалската престолнина додека превезуваше повеќе од 40 лица.

Фуникуларот во центарот на португалската престолнина, познат како Елевадор да Глорија, е популарна туристичка атракција, особено во текот на летната сезона.

ИЗДВОЕНИ