Еден од најдоминантните кошаркари во историјата, Шекил О’Нил (53), заработи стотици милиони долари во текот на својата богата кариера, а неговата моментална нето-вредност се проценува на половина милијарда долари. Сепак, иако е спортска и бизнис-икона, има финансиски одлуки за кои жали и реши да сподели една со јавноста. Имено, купувањето автомобил „ферари“ за 200.000 долари и правењето модификации на него го чинеле вкупно 700.000 долари.
- Не сакам постојано да зборувам за пари, направив многу финансиски грешки. Но, да кажам за глупавите грешки: купив „ферари“ за 200.000 долари. Потрошив 200.000 долари за да го поправам и уште 100.000 долари за стереоопрема. Значи, потрошив околу 700.000 долари за автомобил што ретко го возам. Глупаво! Кога бев млад, инвестирав во работи за финансиска добивка и честопати грешев при одлуката – истакна О’Нил.
Иако во ова интервју не прецизираше за кој модел на „ферари“ зборува или кога го купил, веројатно, станува збор за „ферари 360 модена“, бидејќи во претходните интервјуа спомена како направил грешка купувајќи два такви автомобила.
Инаку, неговото патување во НБА започна во 1992 година, со тимот на Орландо меџик, кој го водеше до неговото прво финале по четири сезони. Тој предизвика револуција со преселбата во ЛА Лејкерс, каде што создаде една од најдоминантните династии во спортската историја, со Коби Брајант и со тренерот Фил Џексон.
О’Нил му донесе на Лејкерс три последователни титули, освојувајќи ја наградата за најкорисен играч во финалето секој пат. Со четири НБА-прстени, една награда за најкорисен играч (МВП) и со 15 настапи на ол-стар натпреварите, 19-годишната кариера на Шек, во која заработи над 286 милиони долари, остана како една од најимпресивните во историјата на лигата.
Денес, О’Нил е најпознат како аналитичар во популарното шоу „Inside the NBA“, кое оваа сезона се сели од TНT на EСПН, каде што ќе продолжи да ги анализира играта и новите генерации доминантни центри како Никола Јокиќ и Џоел Ембид, со уникатен стил.