Новиот тим во Формула 1, екипата на Кадилак, го претстави дизајнот на својот болид во текот на Супербоулот, најголемиот спортски настан во годината во Соединетите Американски Држави. Кадилак го претстави дизајнот на реклама во текот на Супербоулот, последниот натпревар од сезоната на НФЛ, на кој Сиетл сихокс го победи Њу Ингланд патриотс со 29:13.
Реклама на Супербоулот чинеше околу 8.000.000 долари за 30 секунди, додека онаа на Кадилак траеше 58 секунди.
Со поддршка на „Џенерал моторс“, Кадилак ќе користи мотори на Ферари до 2029 година, кога се очекува да започне со производство на свои погонски единици.
- Двобојниот дизајн претставува асиметрија, како намерна дизајнерска филозофија – јин-јанг рамнотежа изразена преку остра црно-бела боја, каде што храброста, решителноста и перформансите се среќаваат со аспирациите, оптимизмот и амбицијата. Тоа е повеќе од само шема на бои, тоа е тоа кои сме ние и што носиме во Формула 1. Секој детаљ е намерен, смел, модерен и, несомнено, американски, почитувајќи ги наследството и прецизноста што го дефинираат спортот – рече извршниот директор на тимот, Ден Товрис.
Кадилак стана 11. тим во шампионатот во Ф1 и прв што аплицираше за учество на натпреварувањето, по Хас во 2016 година.
Рекламата доби дополнително медиумско внимание откако беше откриено дека поради неа е поднесена тужба. Имено, холивудскиот режисер Мајкл Беј, познат по филмовите „Трансформерс“, поднесе тужба од 1,5 милиони долари против Кадилак, тврдејќи дека неговите креативни идеи за рекламата за Супербоулот биле искористени без надоместок.
History in motion. Our 2026 livery. pic.twitter.com/WbaoEpOoDA
— Cadillac Formula 1 Team (@Cadillac_F1) February 9, 2026
Според извештаите, Беј бил ангажиран кон крајот на 2025 година да ја режира рекламата, но набрзо бил отстранет од проектот, додека неговите идеи биле искористени.
Кадилак ги негира обвинувањата, наведувајќи дека Беј не можел да ги исполни роковите и дека тимот веќе имал развиен концепт.
Инаку, за Кадилак во дебитантската сезона ќе возат двајцата искусни возачи, Валтери Ботас и Серхио Перез, а во текот на претсезонските тестирања во Барселона, тимот извози 164 круга во Каталуња.
Официјалните тестирања во Бахреин ќе се одржат од 11 до 13 февруари, а потоа и од 18 до 20 февруари.
Новата сезона во Формула 1 започнува на 8 март, со Големата награда на Австралија во Мелбурн.











