Државните ревизори откриле мноштво неправилности и злоупотреби во работењето на Државна лотарија во 2024 година. Главниот државен ревизор, Максим Ацевски, вели дека ревизорите се сомневаат за тоа како се користеле паричните средства, како се подигнувале парите од продажните места, дека со готовината наместо да се уплаќа во благајна или да се стави на сметка на Државна лотарија, се вршеле одредени трансакции, кои, според видувањата на ревизорите, се незаконски и поради тоа изразуваат сомнеж во начинот на постапување.

– Вкупно остварениот дневен промет, по основ на продажба на лотариски и електронски игри на среќа кај 10 сопствени продажни места на друштвото, изнесува близу 750.000 евра, но тој не бил редовно уплаќан на платежните сметки во деловните банки на друштвото, а законски треба да се направи тоа до следниот ден. ДЗР констатира дека во текот на 2024 година само два пати бил уплаќан дневен промет, и тоа во април и на крајот од годината, а парите не потекнувале од дневниот промет, туку биле подигнати пари од една сметка и уплатени на друга. Друштвото, велат ревизорите, нема пополнето работни места благајник и шеф на сметководство, а овие трансакции ги врши директорот на Секторот за финансии и сметководство – се вели во вчера објавениот ревизорски извештај.

Ревизијата утврдила и дека 75 луѓе воопшто не доаѓале на работа, а примале плата, а има сомнеж и за начинот на набавка на одредена опрема, како и за нејзините квалитет и квантитет.

– ДЗР утврдило и дека овој директор директно исплаќал аванси за мали добивки на дел од деловните соработници, околу 320 лица со договор за соработка, во износ од 13.971.000 денари, без пропишан начин на исплата. При набавка на компјутери, телевизори, агрегати, клими, системи за надзор, ДРЗ констатира дека тие се набавени со несоодветна документација за квалитетот и за квантитативниот прием, некои недостигаат, а некои не ги исполнуваат критериумите за тоа за што се набавени – се вели во извештајот.

При увидот во трговските книги, за централниот онлајн систем за извршени уплати и исплати од продажба на лотариски игри на среќа, утврдени се нереални и нелогични трансакции во износ од 2.000.000 евра, па постои сомнеж за злоупотреба. Во врска со инстант лотаријата, која е застапена со 12 различни вида инстант лоза со добивки од пари и предмети, ревизорите за 2024 година констатирале дека неисплатениот фонд на добивки е во висина од 63.294.000 денари, па се доведува во прашање можноста за исплата на идните добивки.

За реклама, Државна лотарија во 2020 година дала околу 380.000 евра за во 2024 година да достигне десетпати поголема вредност, односно 3.582.811 евра. Државна лотарија давала пари на медиуми од околу 1.200.000 евра без поткрепувачка документација за потврдена услуга.

Ацевски изрази задоволство од постапувањето на институциите по ревизорските извештаи, нагласувајќи дека постапувањето за Онкологија, за набавката на мазут од ТЕЦ „Неготино“, за ископот во РЕК „Битола“ и болницата во Прилеп е по конечен ревизорски извештај на ДЗР.

– Ако може да видите, во претходниот период постапувањето за Онкологија, тоа е по конечен ревизорски извештај на ДЗР, постапувањето за набавката на мазут од ТЕЦ „Неготино“, тоа е по конечен ревизорски извештај на ДЗР, постапувањето за ископот во РЕК „Битола“, тоа е постапување по конечен ревизорски извештај, постапувањето во јавната здравствена установа, односно болница во Прилеп, исто така, е по конечен ревизорски извештај. Мислам дека соработката е на завидно ниво и со ЈО, Финансиската полиција, Министерството за финансии и со МВР – изјави Ацевски.

Државниот завод за ревизија вчера одбележа 26 години транспарентно, отчетно и одговорно работење и вложување труд и знаење за чување на јавните финансии во Македонија, опфаќајќи преку 1.400 субјекти од јавниот сектор.

– Со 60-70 ревизии годишно, ДЗР е клучен елемент во транспарентното и одговорно управување со јавните финансии – рече Ацевски.

(С. Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ