Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во обраќањето на Четвртата меѓународна конференција за финансирање на развојот, ја истакна важноста на мултилатерализмот и на заедничките глобални напори за справување со сиромаштијата, климатските промени, нееднаквоста и со социјалната неправда.
Таа предупреди дека постојат сериозни геополитички и економски ризици што ги поткопуваат досегашните достигнувања, изразувајќи верба во можноста за подобар и поодржлив свет.
Според неа, пристапот до праведно финансирање е клучен услов за успех и за доверливи партнерства. Во новиот Пакт за иднината, претседателката препознава обновен глобален општествен договор. Таа укажа на потребата од споделена одговорност на сите засегнати страни.
Сиљановска-Давкова им се заблагодари на ОН, ЕУ и на развојните агенции од повеќе земји, како и на меѓународните финансиски институции – ЕБОР, Светска банка, ЕИБ и Инвестицискиот фонд за Западен Балкан за суштинската поддршка преку проектите во областите на зелената транзиција, здравството, образованието и на инфраструктурата.