Потребни се донации за храна, хигиенски средства, училиштен материјал…

37

Поради немање финансиска поддршка за спроведување активности со дечињата, од Дневниот центар за деца на улица во Шуто Оризари апелираат на „Фејсбук“ за помош, односно за донирање храна, хигиенски средства, училиштен материјал, надоместок за простор, кои, како што велат, им се неопходни за континуирана работа со децата со кои работат секојдневно, но и со нивните семејства.

Од Дневниот центар ги повикуваат сите заинтересирани граѓани или компании што може и сакаат да помогнат на каков било начин, дека може да ги контактираат или да дојдат во просториите на Дневниот центар во Шуто Оризари.

Дневниот центар веќе петти месец работи во неизвесна ситуација и во очекување на увид на просториите од страна на Комисијата за лиценцирање даватели на социјални услуги при Министерството за социјална политика, демографија и млади. Тој годинава не доби финансиска поддршка од Министерството за социјална политика, демографија и млади и остана без дозволата за работа, односно лиценцата за извршување на дејноста.

Од Дневниот центар претходно објаснија дека на 24.12.2024 година Министерството за социјална политика, демографија и млади распишало јавен конкурс за доделување средства за социјални услуги, на кој се пријавил и Дневниот центар, кој ја доставил пропишаната документација во предвидениот рок, освен уверението за платени даноци, кое го издава Управата за јавни приходи. Тие го побарале неговото издавање на 25.12.2024 година, во рамките на рокот за аплицирање, за што било известено и Министерството. УЈП им го издало уверението на 3.1.2025 година, кога и го приложиле до Министерството.

Му била одземена лиценцата на Дневниот центар поради тоа што, согласно со Правилникот за начинот, обемот, нормативите и стандардите за давање социјални услуги во дневен престој, просториите каде што е сместен не ги исполнувале условите за извршување на дејноста социјална, психолошка, педагошка и друг вид помош и заштита на децата од улица.

Во моментов, во Центарот услуги добиваат 24 деца, кои се на возраст од 4 до 14 години. Согласно со предвидените план и програма за активности, приспособени на возраста, предзнаењето и интелектуалниот капацитет, децата се поделени во две групи. За нив се грижат социјален работник, психолог, воспитувач, негувател, координатор, а има вработено и хигиеничар.

(А. П.)

 

ИЗДВОЕНИ