Директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамед Али, заедно со делегација од Центарот за управување со кризи, учествуваше на „World Safety Summit 2026“ во Дубаи, Обединетите Арапски Емирати, посветен на безбедноста и управувањето со кризи, кој се одржа во рамките на глобалната „One Billion Initiative“.
– Во своето обраќање на тркалезната маса во рамките на самитот, со претставниците на земјите учеснички, директорот Али ја нагласи важноста на јакнењето на националните и регионалните системи за управување со кризи, унапредувањето на меѓународната соработка и потребата од заеднички координиран пристап при справувањето со современите глобални предизвици. Тој особено ја истакна потребата од континуирано унапредување на институционалната координација, навремената размена на информации и зајакнувањето на капацитетите за одговор при вонредни состојби – соопштија од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
На самитот, раководителот на Секторот за меѓународна соработка во ЦУК, Урим Вејсели, учествуваше во Советот на младите во цивилната одбрана на Дубаи, каде што се обрати во улога на експерт, одговарајќи на прашања поврзани со поголемата вклученост на младите во цивилната одбрана и нивната улога во унапредувањето на кризниот менаџмент.
– Дополнително, во Советот за вештачка интелигенција на самитот учествуваше и државниот советник за информатика и телекомуникации, м-р Игорче Карафиловски, во својство на Chief AI Officer за Република Северна Македонија. Во рамките на ова тело беше дискутирано за можностите за унапредување на ефикасноста на кризниот менаџмент преку примена на современи AI-технологии, како и за потребата за изработка на стратегија за дигитална отпорност – наведуваат од ЦУК.
Оттаму потенцираат дека учеството на делегацијата на Центарот за управување со кризи на „World Safety Summit 2026“ претставува силна потврда за активната улога и за посветеноста на Република Македонија во глобалните процеси за безбедност, дигитална трансформација и управување со кризи.












