Нема преживеани во авионот што се урна во средата, во Колумбија. Загнаа сите 13-мина патници, меѓу нив и двајца политичари, како и двајцата членови на екипажот.
Авионот на колумбиската компанија „Сатена“ се урна во планинската област Кататумбо во североисточниот дел на Колумбија, во близина на границата со Венецуела. Леталото исчезнало од радарите додека се приближувало кон својата дестинација во департманот Норте де Сантандер, еден од најкомплексните и најтешко достапни региони во земјата, познат по планинскиот терен и густата вегетација. Веднаш по губењето на контактот биле активирани спасувачките екипи, но потрагата била значително отежната токму поради непристапниот терен.
Авионот полетал од градот Кукута кон аеродромот „Агвас Кларас“ во градот Окања, на редовен регионален лет. Требало да слета околу пладне по локално време, но контактот со контролата на летот бил прекинат само неколку минути пред планираното пристигнување. Според медиумските извештаи, последниот сигнал од радарот бил регистриран кога се наоѓал авионот на околу 32 километри од аеродромот, на висина од приближно 2.400 метри.












