Потпретседателката на ЕУ: Во Газа многу личи на геноцид

16
EPA/HAITHAM IMAD

Потпретседателката на Европската комисија, Тереза Рибера, изјави дека настаните во Појасот Газа, кои вклучуваат гладување, раселување и убиства на цивили, „многу личат на“ геноцид.

„Цивилите се убиваат, гладуваат, немаат пристап до вода, лекови и помош. Ако ова не е геноцид, тогаш е многу слично на неговата дефиниција“, изјави Рибера за бриселскиот „Политико“, критикувајќи го недостатокот на решителна акција од страна на Европската Унија.

Некои членки на ЕУ, вклучувајќи ги Германија и Италија, се спротивставија дури и на благи мерки против Израел, како што е привременото суспендирање на научната соработка, објави „Политико“.

Рибера повика на разгледување на суспендирањето на Договорот за асоцијација меѓу ЕУ и Израел, кој е основа на трговските и економските односи.

Таа потсети дека воведувањето санкции ќе бара едногласна одлука од сите земји-членки, но посочи дека земјите што се противат на мерките едноставно би можеле да се воздржат од гласање, дозволувајќи му на мнозинството да ги усвои одлуките.

Израел ги отфрла обвинувањата за геноцид, тврдејќи дека води војна против Хамас, кој користи цивили како човечки штитови.

Додека Германија и другите членки на ЕУ инсистираат на дијалог, Франција, Обединетото Кралство и Шпанија го зголемуваат притисокот, вклучително и иницијативите за признавање на палестинска држава, објаснува Политико.

Рибера предупреди дека ЕУ ризикува да го изгуби политичкиот и моралниот кредибилитет ако остане пасивна.

„Европа мора да покаже храброст кога се во прашање човечки животи“, заклучи потпретседателката на Европската комисија, Рибера.

ИЗДВОЕНИ