Премиерот Христијан Мицкоски најавува построги казни и институционални акции против маркетите што остваруваат профит на сметка на граѓаните. За во првиот квартал од годинава се најавуваат законски измени со повисоки глоби за трговците што не ги почитуваат апелите за цените, а со цел заштита на граѓаните и на производителите

Премиерот Христијан Мицкоски најави жестоки акции против неколку маркети за непочитување на Законот за нефер трговски практики. Тој сега не сака да спомене кон кои маркети ќе биде насочена жестокоста на институциите и најавува дека во првиот квартал од годинава ќе се направат законските измени, кои предвидуваат поригорозни глоби кон оние трговци што не ги слушаат апелите на Владата за непокачување на цените и се однесуваат незрело, неодговорно и лакомо.
Сегашниот Закон за нефер трговски практики предвидува максимална казна од 20.000 евра за маркет, што е ограничувачки со оглед на тоа што некои маркети имаат милионски профити, а годишните обрти на сите маркети е некаде милијарда евра.
– Ние, како Влада, не сме љубители на репресивни мерки веднаш. Цело време се обидувам да испратам порака до тие што се однесуваат незрело, неодговорно и лакомо. На тој начин не може да се води бизнис, кога добива само едната страна, т.е. маркетите, а граѓаните губат. Во овој случај, неколку синџири маркети сакаат да добиваат, гледаме дека нашите апели не стигнуваат до нив и се обидуваат да ги видоизменат тие нефер трговски практики. Внимателно следиме и документираме и кога ќе бидеме целосно подготвени, а мислам дека набрзо ќе се случи тоа, ќе почнеме да преземаме жестоки мерки – вели Мицкоски.
Прашан дали институциите ја пропуштија шансата кога беше откриено картелско здружување на четири маркети, кои беа симболично казнети, а можеше да бидат десетпати повеќе, Мицкоски појасни дека тој случај бил рецидив од претходната Влада, а сегашната Влада го ефектуирала.
– Однесувањето на оваа Влада е најпрво да има порака на опомена, односно да видиме дали се свесни и дали ќе се коригираат. Гледаме дека тие синџири маркети не се коригираат, а ако не може да ја препознаат пораката и упорно нивни главен интерес е профитот на сметка на граѓаните, тогаш институциите немаат друга опција, освен да ги заштитиме интересите на граѓаните – дециден е Мицкоски.
Премиерот посочи дека казните се кон маркетите што се однесуваа девијантно преку, условно кажано, маркетинг- услуги, истражување на пазарот и наметнуваа давачки што може да се квалификуваат како нефер трговски практики кон производителите и кон дистрибутерите на производи во нивните маркети за да имаат подобро место на рафтовите.
(С. Бл.)












