Имиња како Сергеј Бубка и Рено Лавилени некогаш беа синоним за доминација во скок со стап. Бубка го започна своето владеење во 1984 година со првиот од 17 светски рекорди, додека Французинот Лавилени постави рекорд од 6,16 метри во 2014 година, ставајќи крај на ерата на советската легенда.

Но, последните пет години му припаѓаат исклучиво на еден човек – Арманд Дуплантис (25), попознат како Мондо, ја започнува сторијата „Би-Би-Си“ за една од најголемите спортски ѕвезди во светот денес.

Швеѓанецот, кој пораснал во Луизијана, влезе во историјата на 20-годишна возраст кога го сруши рекордот на Лавилени во 2020 година со скок од 6,17 метри. Една недела подоцна, тој додаде уште еден сантиметар – и така започна серијата рекорди што продолжуваат до ден-денес.

Со неговиот последен рекорд – скок од 6,29 метри во август 2025 година на митингот во Унгарија, по 13. пат го собори светскиот рекорд. Во моментов никој не е ниту близу до неговите остварувања, а негова најголема конкуренција е Гркот Емануел Каралис, со скок од 6,08.

Како што стојат работите, 6,30 метри може да паднат уште на претстојното Светско првенство во Токио.

Дуплантис не стана светски рекордер случајно – тој буквално порасна со стап во рака. Неговиот татко, Грег, поранешен американски скокач со стап, и неговата мајка, Хелена, поранешна шведска атлетичарка и одбојкарка, всадија љубов кон спортот во целото семејство.

Во нивниот двор во Батон Руж имаше импровизирана скокалница – тука Мондо, неговите браќа и сестра Јохана го поминаа детството.

  • Тоа беше нашата игрална соба. Мондо ме тренираше додека сè уште бев во училишна униформа – беше строг, но фер, вели Јохана.

Експертите велат дека доминацијата на Дуплантис не е само резултат на генетиката и раната специјализација, туку и на неговото речиси совршено извршување на секој елемент од неговиот скок. Неговата брзина на полетување достигнува над 10,3 мметри во секунда – побрзо од повеќето елитни скокачи.

Неговиот совршено темпиран скок со стап, неговата позиција на полетување веднаш под раката и неговата исклучително ефикасна ротација на телото му овозможуваат да ја искористи максималната енергија.

  • Неговата техника е речиси беспрекорна, вели д-р Хелен Бејн, експерт за биомеханика.

Мондо стана глобална ѕвезда – има милиони следбеници на социјалните медиуми, снима музика, а неговата песна Bop собра милиони стримови. Сепак, според оние околу него, тој останува скромен и посветен зад сцената.

  • Тој е ист пред камерите како што е надвор од нив – самоуверен, но скромен, вели неговата сестра Јохана.

Покрај медиумското внимание, секој рекорд што го соборува доаѓа со сериозни финансиски бонуси. На некои собири, тие изнесуваат и до 100.000 долари, а дополнителните бонуси веројатно доаѓаат од главниот спонзор – Пума, иако деталите не се јавни.

Некои научници предвидуваат дека физичкиот максимум би можел да биде околу 6,50 метри. Дуплантис не го исклучува ниту тоа.

  • Не го гледам крајот. Границата? Сè уште нема, изјави тој неодамна за „Би-Би-Си“. Неговата комбинација од талент, посветеност, совршена техника и сценски талент го направи не само најголемиот скокач со стап на сите времиња – туку и еден од најважните амбасадори на атлетиката во 21 век.

 

ИЗДВОЕНИ