Состојбата со несобраното ѓубре во Скопје бара итна и неодложна мобилизација на сите расположливи технички, човечки и финансиски ресурси за чистење на градот. Од Институтот за јавно здравје алармираат дека постои ризик од појава на заразни заболувања како лептоспироза. Оттаму посочуваат особено внимание да се посвети на чистењето околу болниците, домовите за стари лица, основните и средните училишта и детските игралишта.
Од ИЈЗ препорачуваат итни мерки кои предвиидуваат отстранување на целиот расфрлан отпад, по што мора да следи вонредно испирање, дезинфекција, дезинсекција и дератизација (ДДД) на контејнерите и околните површини.
– Таму каде што тоа не е можно, да се постават времени физички бариери (мрежи) за да се спречи пристапот на глодари и улични животни до ѓубрето. Да се дилоцираат контејнерите подалеку од детски игралишта, училишта и здравствени установи, како и да се воведе редовен транспорт на отпадот, најмалку еднаш дневно во погусто населените делови – се наведува во барањето од страна на ИЈЗ.
Поради зголемениот ризик, здравствените власти се повикуваат на „интензивен надзор за заразни заболувања“, со посебен фокус на пријавување на дијареи, сомнителни случаи на лептоспироза и други зоонози (болести кои се пренесуваат од животни на луѓе). Се бара и итна заштита на сите работници кои доаѓаат во контакт со отпадот, вклучително и задолжителна вакцинација и обезбедување лична заштитна опрема.
Од УЈЗ апелираат до граѓаните да бидат внимателни и претпазливи и при фрлање на отпадот да користат ракавици и да носат маски и потоа да ги мијат рацете. –
– Задолжително затворање на капаците на контејнерите, избегнување секаков незаштитен физички контакт со отпадот и исцедокот од него, зголемено внимание при шетање на домашни миленици за да не дојдат во допир со ѓубрето и застоената вода, да не се фрла отпад надвор од одбележаните места – се наведува во препораките.
Покрај овие акутни мерки, ИЈЗ потсетува дека долгорочното решение лежи во воспоставување на интегриран систем за управување со отпад, кој вклучува редовна набавка на опрема, рециклирање и постојана едукација на населението.












