„Постмеморија – одек на тишината“ е темата на годинашната 36. сесија на ликовната колонија „Галичник“, што ќе се одржи од 12 до 18 август, во  познатото македонско село.

Како што посочуваат организаторите, ликовната колонија „Галичник“, една од најреномираните и најпрогресивни уметнички колонии во регионот, е со јасна ориентација кон современите текови во визуелната уметност и гради платформа за иновативна, интер-/трансдисциплинарна и концептуална продукција.
– Темата на изданието за 2025 година „Постмеморија – одек на тишината“ е инспирирана од истражувањата на Мериен Хирш, Алејда Асман, Ролан Барт и на В.Г. Зебалд, кои се занимаваат со тоа како се врежуваат трауматичните историски искуства, иако не се директно доживеани, во свеста и во идентитетот на наредните генерации – додаваат оттаму.

Учесници на ликовната колонија годинава се: Никола Радосављевиќ (Србија) – видеоуметност, инсталации; Дејан Крстиќ (Србија) – звучна уметност, перформанс; Красимир Терзиев (Бугарија) – дигитална уметност, текст; Калина Димитрова (Бугарија) – фотографија, архивски пристап; Далиа Белосиноф (Грција) – визуелна поезија, инсталации; Мариа Анвандер (Австрија) – концептуални текстуални интервенции; Клара Вит (Австрија) – медиумски инсталации, фотографија; Ренеа Беголи (Косово) – цртеж и предмети на меморија; Лука Соудан (Холандија) – аудиовизуелни композиции; Иванчо Талевски (С Македонија) – микс-медија, личен архив и Ана В’цкова (С Македонија) – дигитален колаж, фотографија.

Годинашните учесници ќе ги истражуваат неизговорената меморија, тишината како сведоштво и наследената болка како уметнички материјал, користејќи нови медиуми, архиви, звучни записи, гестови и визуелни фрагменти.
Делата создадени на оваа сесија, заедно со продукцијата од претходната 2024 сесија, ќе бидат изложени пред македонската јавност во ноември 2025 година, во Националната галерија – објект „Мала станица“. Изложбата ќе биде придружена со професионално изработен каталог, кој ќе ги документира уметничките процеси и концептите зад проектите.

ИЗДВОЕНИ