Кошарката знае како да им претстави на своите фанови разни расплети, драматични пресврти и шокантни завршници, но она што се случи во Аргентина ги надминува дури и најкреативните филмски сценарија.
Кошаркарскиот тим на Феро ја победи Бока Јуниорс, големиот фаворит и најдобриот тим во лигашкиот дел од натпреварувањето, во третиот натпревар од четвртфиналната плејоф серија на аргентинскиот шампионат.
Натпреварот заврши со резултат 76:73, а за победничкиот кош на домашната екипа долго ќе се зборува и споделува на социјалните мрежи.
Додека на семафорот беше 73:73, Бока имаше аут во противничката половина од теренот и секунда и пол за да создаде позиција за брз последен шут, но…
Плејмејкерот на Феро, Емилијано Лескано, прекина ризично додавање и со едната рака, практично од свој рекет, ја фрли топката кон кошот на градскиот ривал. Топката леташе долго и, со звук на сирена, помина низ обрачот како ракета, на општо воодушевување на сите присутни во салата.
Have you ever seen a better game-winning shot? 🤯pic.twitter.com/eEI1EgN1og
— BasketNews (@BasketNews_com) June 12, 2025
Феро сега води во серијата со 2-1 и во следниот натпревар пред своите навивачи ќе има можност да ја заврши работата и да го елиминира фаворитот.