Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, објави дека е постигнат договор за довршување на булеварот „Борис Трајковски“ кој води кон Драчево, населба со преку 35.000 жители, поради што овој булевар е еден од најзначајните и најоптоварени сообраќајни правци во Скопје, кој со години остана недоизграден.

Градоначалникот рече дека е договорено со стопанствениците долж трасата да има забрзано спроведување на процесот на експропријација – постапка која во минатото останала недовршена и претставувала клучна пречка за реализација на проектот. Со постигнатиот договор, според најавите, се отвора патот за конечно завршување на овој инфраструктурен зафат, кој го користат повеќе од 100.000 возачи дневно.

– Овој булевар е еден од моите најзначајни приоритети. Предолго беше заглавен и претворен во вистинска голгота за илјадници граѓани. Тоа време завршува – изјави Ѓорѓиевски.

Тој најави дека во најскоро време ќе биде објавена јавна набавка за избор на изведувач, а проекциите се изградбата да биде комплетирана до крајот на оваа календарска година.

Станува збор за делница од 850 метри, од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево, која со години претставуваше тесно грло и сериозен безбедносен ризик за возачите и пешаците. Според најавеното, на местото на постојната недовршена делница ќе биде изграден современ булевар со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека.

Градоначалникот порача дека е свесен за проблемите со кои граѓаните се соочувале изминатите години – сообраќајните гужви, небезбедноста, прашината и оштетувањата на возилата – и побара уште малку трпение додека траат градежните активности.

– Привремената непријатност ќе значи трајно решение – истакна Ѓорѓиевски, додавајќи дека граѓаните заслужуваат безбедност, достоинствено движење и модерна инфраструктура.

ИЗДВОЕНИ