Емисиите на ЦО2 продолжуваат да растат и оваа година се највисоки досега. Најголеми емитери се САД, ЕУ, Индија и Бразил. – Трендот е многу јасен и ја нагласува потребата богатите земји веднаш да започнат со постепено укинување на фосилните горива и да преминат на 100 % обновливи извори со солидарност и со финансиска поддршка за земјите во развој. COP30 мора да испорача обврска за финансирање на адаптацијата. И тоа не каква било обврска, туку да се обезбеди тројно зголемување на средствата, на најмалку 120 милијарди американски долари годишно, до 2030 година – велат од Центарот за климатски промени

 

Емисиите на јаглероден диоксид оваа година се највисоки досега. Според прелиминарната анализа на Глобалниот проект за јаглерод, емисиите на ЦО2 годинава ќе пораснат на рекордно високо ниво од околу 42 милијарди тони. Експертска група, пак, составена од околу 100 глобални експерти, очекуваат емисиите од фосилни горива годинава да пораснат за околу 1 % во споредба со 2024 година, надминувајќи 38 милијарди тони. Ова е, исто така, уште еден глобален рекорд поттикнат од емисиите од употребата на јаглен, нафта и гас, при што концентрацијата на ЦО2 во атмосферата се очекува да достигне 426 ППМ во 2025 година, што е највисока во последните 14 милиони години.

Најголем емитер на емисии на ЦО2 и од фосилни горива, како што е посочено на  најголемиот планетарен собир за климатски промени (COP30) што од 10 до 21 ноември се одржуваше во Белем, Бразил, остануваат Соединетите Американски Држави со пораст на емисиите оваа година од 1,9%. За споредба, емисиите на Европската Унија се предвидува да пораснат за 0,4%, но во последнава деценија емисиите на САД и на ЕУ бележат намалување од околу 1,2 % и 2,5 % годишно.

Вреди да се напомени фактот дека додека емисиите во земјите во развој, Индија и Кина, се предвидува да пораснат за 1,4 % и 0,4 %, тие се значително пониски од просечното годишно зголемување забележано во изминатата деценија. Ова намалување на стапките на пораст на нивните емисии на ЦО2 се должи на значителниот пораст на сончевата и на ветерната енергија, подобрената енергетска ефикасност и порастот на електричните возила.

– Трендот е многу јасен и ја нагласува потребата богатите земји веднаш да започнат со постепено укинување на фосилните горива и да преминат на 100 % обновливи извори со солидарност и финансиска поддршка за земјите во развој – велат од Центарот за климатски промени.

Во фокусот на COP30 беа клучните прашања поврзани со глобалната транзиција од фосилни горива, обезбедувањето праведна поддршка за заедниците,  унапредување на финансирањето за адаптација по постепеното укинување на фосилните горива и распоредување на обновливи извори, до управување со критични минерали, како и трансформација на прехранбените системи и земјоделството, вклучувајќи ги малите земјоделци, селаните и руралните заедници на секој чекор.

– Да не се туркаат земјите во понатамошни долгови преку неконцесиски заеми или да се пренесува поддршката за приспособување на приватно финансирање. Приватните инвеститори можат да направат многу работи – да идентификуваат „ризик“, да бараат профит, да дизајнираат комплицирани табели – но тие не се сигурен столб на поддршката за малите земјоделци, крајбрежните заедници или маргинализираните групи кои се обидуваат да ги преживеат последиците што не ги предизвикале. COP30 мора да испорача обврска за финансирање на адаптацијата. И тоа не каква било обврска, туку да се обезбеди тројно зголемување на средствата, на најмалку 120 милијарди американски долари годишно, до 2030 година – велат од Центарот за климатски промени.

(С. Бл.)

 

 

 

ИЗДВОЕНИ