Во центарот на Кичево денеска официјално беше ставен во употреба првиот млекомат за свежо млеко во Македонија. Жителите на Кичево и околината имаат модерен пристап до свежо кравјо млеко произведено од Земјоделската задруга „Крнино“ составена од членови од манастирот „Св. Богородица Пречиста“.
Млекоматот е обезбеден со средства од ЕУ преку проектот АгроСмарт, спроведуван од Македонската развојна фондација за претпријатија, Хемера и ЦЕП Можности.
– Млекото што се нуди преку млекоматот е свежо, со зачувани природни хранливи својства, без додатоци и конзерванси и во контролирани хигиенски и температурни услови, а освен млеко, потрошувачите имаат можност да си купат и сирење – рече Станоја Станојовски од манастирот „Света Богородица Пречиста“, која е дел од Земјоделската задруга „Крнино“.
Лазар Неданоски од Македонската развојна фондација за претпријатија, која го спроведува проектот АгроСмарт, истакна дека млекоматот е пример како треба да се одвива модернизацијата на македонските фарми и да се осовременува продажбата на локалните земјоделски производи со достапните средства од ЕУ.