Средствата за исплата на посмртнина за починат пензионер се зголемуваат од 35 на 40 илјади денари. Ваква одлука донела Регистрираната организација за Солидарен фонд која исто така ја зголемила и задршката од пензија за посмртна помош од сегашните 140 на 150 денари.
Оваа, како и за повеќе други одлуки расправаше Управниот одбор на Фондот на ПИОМ на редовната седница. Директотот на Фондот за ПИОМ, Никола Мемов нагласи дека редовните активности се одвиваат непречено и без проблеми и додаде дека на први декември редовно е исплатена ноемвриската пензија.
Тој ги информира членовите на Управниот одбор дека од 16 до 18 декември годинава е остварена работна средба со Фондот на ПИО на Црна Гора. На средбата, како што рече тој, е разговарано за досегашната примена на Договорот за електронска размена на податоци помеѓу двете институции и за Техничкиот протокол за имплементацијата на Договорот, склучени во феврури годинава, како и за активностите што треба да се преземат во наредниот период во насока на зголемување на соработката и размената на податоците.
Членовите на Управниот одбор ја усвоија Стратегијата за внатрешна ревизија за 2026-2028 година и го усвоија Планот за внатрешна ревизија на Единицата за внатрешна ревизија во Фондот за следната 2026 година.
Одборот донесе Одлука за доделување на деловен простор на користење на Здружението на пензионери Дојран, како и Одлука за распишување на конкурс за именување на заменик директор на Фондот и формирање на конкурсна комисија.
Управниот одбор разгледа и повеќе Информации, меѓу кои Информацијата за резултатите од спроведувањето на активностите во делот на регистрација на податоците и Информација за поднесени и остварени права на старосна пензија во периодот од први јануари до 10 декември 2025 година.












