Извештајот за состојбите во Охридскиот Регион е испратен во УНЕСКО, со што е запазен рокот (1 февруари), кој ѝ беше поставен на нашата држава од страна на комисијата за заштита на културното наследство при оваа светска организација. Според министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, дали ќе бидеме ставени на Листата на светско наследство во опасност или не, ќе знаеме во јуни, кога ќе се одржи следната сесија на УНЕСКО во Јужна Кореја.

– Ги зедовме сите потребни податоци од буквално сите институции и врз основа на тие податоци, но и врз база на комуникацијата со Албанија, беше направен извештајот. Во меѓувреме формиравме и Кризен штаб, за да ја кренеме целата ситуација на повисоко ниво. Кризниот штаб имаше два состаноци и имаме мислење од него. Минатата недела, во понеделникот, имав состанок со Националната комисија за УНЕСКО, каде што направивме мислење, го поминавме извештајот и во вторникот извештајот помина и на Влада. Веднаш ги мечувавме двата извештаја и од македонската и од албанската страна и веќе се испратени до УНЕСКО. Сега, во овој период, не ни останува ништо друго, освен да го правдаме тоа што сме го направиле до периодот до февруари. Ние имавме период од седум месеци да го направиме тоа што го направивме, но сега имаме уште пет месеци да го чекаме одговорот, истакна Љутков, одговарајќи на новинарски прашања по денешната прес-конференција за Саемот за туризам, кој викендов се одржува во Скопје.

Прашан што очекува како одговор од УНЕСКО, тој истакна дека мора да се подготвуваме на сè.

– Ова не е некој процес што ѝ се случува на оваа Влада или на овие министри, туку е процес што се случува наназад 30-ина години. Мораме да земеме предвид дека лани ни беше последната опомена и ова што ни дадоа рок од седум месеци да завршиме некои постапки е јасен сигнал дека тие подготвуваат, а и претходно се подготвуваше, да влеземе на листата на опасност. Сè може да се очекува и треба да бидеме подготвени на сè. Наша задача е тоа да не биде така и да направиме уште еден притисок да ни се даде дополнително време“, додаде министерот Љутков.

Инаку, Македонија и Албанија имаа рок до 1 февруари 2026 да достават извештаи до УНЕСКО за тоа што е преземено за заштита на Охрид и на Охридското Езеро, со цел да се зачува статусот на светско природно и културно наследство. Во спротивно, Охридскиот Регион ќе биде ставен на Листата на светско наследство во опасност.

Она на што, меѓу другото, најмногу се однесуваат забелешките на УНЕСКО, се урбанистичкиот хаос во Охрид и на охридскиот брег, загадувањето на езерото и недоволната заштита на културното наследство. (Д. Т.)

ИЗДВОЕНИ