– Со дипломатската офанзива што ја имавме минатата година, формиран е и кризен штаб преку Владата, кој работи на препораките. Доста работи се направени, а многу е важна во целиот овој процес и комуникацијата помеѓу македонската и албанската страна. Ние можеме да завршиме голем дел од нашите препораки што ги имаме како Министерство за култура, но доколку не е завршено тоа од другата страна, пак има критика од Комисијата на УНЕСКО. Се надевам дека врз основа на тоа што го имаме направено досега и тоа што ќе го направиме другите денови, ќе имаме позитивна оцена – вели министерот за култура и туризам, Зоран Љутков
Рокот за подготовка на извештајот за состојбата во Охридскиот Регион истекува на 1 февруари, до кога документот, согласно со претходниот договор, треба да биде доставен до УНЕСКО. Тогаш светската организација ќе види колку и што сработиле македонските институции во изминатиот период за заштита на езерото и на регионот. Одлуката да ѝ се даде уште една година шанса на нашата држава да ги спроведе препораките на мониторинг-мисијата за задржување на статусот на заштитено природно и културно наследство беше донесена лани, на одржаната сесија на Комитетот за светско наследство во Париз.
– Со дипломатската офанзива што ја имавме минатата година, формиран е и кризен штаб преку Владата, кој работи на препораките. Доста работи се направени, а многу е важна во целиот овој процес и комуникацијата помеѓу македонската и албанската страна. Ние можеме да завршиме голем дел од нашите препораки што ги имаме како Министерство за култура, но доколку не е завршено тоа од другата страна, пак има критика од Комисијата на УНЕСКО. Се надевам дека врз основа на тоа што го имаме направено досега и тоа што ќе го направиме другите денови, ќе имаме позитивна оцена – вели министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.
Инаку, препораките на Комисијата на УНЕСКО се повеќе од јасни, а најголемите забелешки се однесуваат на загадувањето на водите на Охридското Езеро, непланската урбанизација, на која со години никако да ѝ се стави крај, и негрижата за културно-историското наследство. Токму овие проблеми беа нотирани од мониторинг-мисијата на УНЕСКО како најгорливи, а Охридскиот Регион е на самиот раб да биде прогласен за културно наследство во опасност. Заклучокот на мониторинг-мисијата беше дека кумулативните и тековните влијанија, вклучувајќи ги тука и урбаниот развој, недостатоците во просторното планирање, несоодветните интервенции, еутрофикацијата на езерото, големите инфраструктурни и други проекти, предизвикале сериозно нарушување на клучните атрибути на заштитеното подрачје.
Иако „црната листа“ на која би можел да се најде Охрид и можноста да го загуби статусот на заштитено светско природно и културно наследство се многу реални, македонската Влада вети дека ќе направи сè да се избегне ваквата можност.
Дел од македонските експерти и невладини организации, сепак, сметаат дека е потребно многу поголемо почитување на препораките од УНЕСКО, притоа се на ставот дека Охридскиот Регион би требало да биде ставен на листата на загрозено културно наследство, бидејќи тоа би значело и поголем мониторинг и поддршка од светската организација. Тие сметаат дека тоа е вистинскиот начин да се натераат државата, институциите и општините повеќе да се ангажираат за исполнување на препораките и за надминување на проблемите.
Документот, кој ќе биде презентиран пред Комитетот за светско наследство на УНЕСКО на 1 февруари, треба да даде јасна слика до каде се институциите со спроведувањето на препораките и што конкретно е преземено за зачувување на културното и на природното богатство. Токму од извештајот ќе зависи и судбината на Охридскиот Регион. (Д. Т.)












