Последен училишен ден – стартува летниот распуст

144

Денеска завршува учебната 2024/2025 година за основците и средношколците ширум државата. Учениците заминуваат на летен распуст кој ќе трае до 31 август, кога е предвидено враќањето во училишните клупи.

Матурантите, пак, наставата ја завршија уште на 16 мај. Утре (11 јуни) ги очекува вториот екстерен испит од државната матура. Првиот – задолжителниот испит по мајчин јазик – го полагаа на 31 мај, кога над 15.000 матуранти седнаа на испитната клупа.

За полуматурантите, овој месец започнува важна фаза – запишување во прва година средно образование. Пријавувањето ќе се врши електронски преку платформата euslugi.mon.gov.mk, со најавување преку сопствените кориснички сметки на schools.mk.

Според конкурсот на Министерството за образование и наука, се предвидени два уписни рока во јуни:

Прв уписен рок: од 14 јуни (00:00 часот) до 17 јуни (23:59 часот). Документите ќе се доставуваат директно во училиштата на 18 и 19 јуни.

Втор уписен рок: на 30 јуни, со поднесување на документи на 1 јули.

Со почетокот на распустот, учениците добиваат заслужен одмор, а идните средношколци – нова животна фаза.

Пријатен летен распуст и честитки за напорната работа и заслужениот успех им посака и министерката за образование и наука Весна Јаневска на основците и средношколците.
-Пред вас е летниот распуст, добро одморете се, но не заборавајте дека има време и за игра и за читање книга, и за забава и за совладување нови вештини, за дружење и за користење на компјутерот за истражување, напиша министерката на својот фејсбук-профил.

Честитки за крајот на годината упати и до сите учители, наставници и професори кои, како што вели, „секој училишен ден им помагаа на младите луѓе да стекнат нови знаења и да бидат поспособни за соочување со предизвиците“.

-Го цениме вашиот труд, ги зголемивме вашите плати за над 12 отсто и тие ќе продолжат да растат, а континуирано ги подобруваме и условите во кои работите. Вие сте столбот врз кој го градиме квалитетниот воспитно-образовен систем и затоа сме ви благодарни, наведува министерката.

Посебна честитка, напиша Јаневска, им упатува на родителите и старателите како партнери во образованието, „за нивната поддршка и довербата заедно да придонесеме за напредокот на секое дете“. (Б.Ѓ.)

Фото: ФБ

ИЗДВОЕНИ