Од септември сметките за вода во Скопје ќе бидат поголеми, бидејќи цената на еден кубен метар пивка вода е зголемена за 3,2 денари. Наместо досегашните 31,81 денар, граѓаните сега ќе плаќаат 35,02 денари за кубик.
Одлуката за зголемување ја донесе Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги, на 25 август. Оттаму појаснуваат дека биле принудени да реагираат, затоа што ЈП „Водовод и канализација“ не ги спровело претходните препораки за усогласување на цената.
– Во просек, зголемувањето значи околу 40 денари повеќе по сметка. Така, доколку едно домаќинство досега плаќало околу 1.000 денари, сега ќе плати приближно 1.040 денари – велат од Комисијата.
Податоците на Регулаторната комисија покажуваат дека загубите на вода во Македонија достигнуваат дури 63 проценти, што ја става земјата меѓу рекордерите во регионот.
Ова лето, Скопје се соочи со сериозни проблеми: во повеќе населби воопшто немаше вода, а низ цел град беше забележлив слаб притисок. Од ЈП „Водовод и канализација“ тогаш во повеќе наврати апелираа за рационално користење на водата, посочувајќи дека голем дел од проблемите произлегуваат од бројни диви приклучоци, преку кои се користи пивката вода за наводнување на ниви и на градини.