Цените на патарините по километар за возила преку 3,5 тони и максималната такса во Бугарија од овој месец се повисоки. Првата измена на Тарифата за надоместоците што се собираат за поминување и користење на државната патна мрежа стапи во сила на 1 април 2025 година, а надоместоците беа ажурирани за 10%. Втората од 1 септември исто така е зголемена за 10%, што е вкупно 20% за двете фази.

Ова е важно за македонските транспортери кои носат роба или транзитираат низ оваа земја. На пример: ако до 1 април 2025 година, картата за маршрута за дадена делница чинеше 10 лева, за периодот од 1 април до 31 август цената е 11 лева, а од 1 септември ќе биде 12 лева.

Исто така, има промена во износот на компензаторните такси, бидејќи тие се двојно поголеми од максималната такса за патарина за соодветната категорија на возила.

Цените на вињетите за патнички автомобили не се менуваат.

Хрватска, пак, од крајот на следната година ги трга рампите од патарините и ќе воведе само електронска наплата. Возачите на лесни возила – мотоцикли, автомобили и камиони со максимална дозволена маса што не надминува 3,5 тони – ќе можат да избираат помеѓу плаќање со читање регистарски таблички или електронска наплата, додека возачите на тешки возила ќе можат да ја плаќаат патарината исклучиво електронски преку ENC-уреди.

Наплатата на патарината ќе се врши според изминат километар, а контролата покрај официјалните супервизори (кои ќе имаат 74 бели автомобили со сини ротирачки светла и електронски натпис „следи ме“), ќе ја врши полицијата, па дури и царинските службеници. Секој што ќе биде фатен да вози по автопатот без да се регистрира во електронскиот систем за наплата на патарини ќе го плати не само износот на патарината за покриениот дел туку и казна од 120 евра. За правните лица се предвидени уште повисоки казни – до 1.300 евра ако компанијата не ги регистрира своите возила во системот пред да тргне на автопат или ако регистарските таблички не се читливи.

 

ИЗДВОЕНИ