Поскапеа и задоволствата, за цигари и кафе дневно 500 денари

Цигарите поскапеа за 10 денари, а и цената на кафето годинава неколку пати се качи. Во зависност од марката, 100 грама во некои маркети достигнува до 100 денари, а во кафулињата во градот ова задоволство чини од 100 до 200 денари. Значи, во зависност од тоа колку кутии цигари пушите и колку кафиња пиете, дневно ова задоволство, во просек, ве чини 500 денари. Но, и покрај повисоката цена на цигарите и на кафето, пушачите не би се откажале од овој секојдневен ритуал, кој, за многумина, претставува време само за нив, за одмор, за планирање на другите обврски во текот на денот и за дружење со колегите

434

Од почетокот на месецов, цигарите поскапеа за 10 денари, а и кафето стана луксуз. Цената на кафето годинава неколку пати се качи, а во зависност од марката, 100 грама во некои маркети достигнува и до 100 денари. Во кафулињата во градот, ова задоволство ќе ве чини од 100 до 200 денари. Значи, во зависност од тоа колку кутии цигари пушите и колку кафиња пиете, дневно ова задоволство, во просек, ве чини 500 денари. Но, и покрај повисоката цена на цигарите и на кафето, пушачите не би се откажале од овој секојдневен ритуал, кој, за многумина, претставува време само за нив, за одмор, за планирање на другите обврски во текот на денот и за дружење со колегите. Пресметките покажуваат дека една кутија цигари, во зависност од марката, чини од 150 до 200 денари. Тоа значи дека месечно, доколку пушите по една кутија, треба да издвојувате од 4.500 до 6.000 денари. Ако се додаде на ова и кафето, кое, освен во маркетите, е поскапено и во кафулињата и во кафеаните и се движи од 100 денари, па нагоре, излегува дека една третина од платата ви оди само за кафе и за цигари.

– Знам дека цигарите ми се голем месечен трошок, но за ништо не би се откажала од нив – од ова задоволство. Со оглед на тоа што поскапеа цигарите во продавниците, купувам тутун на килограм, кој чини од 600 до 1.500 денари, и две кутии филтри по 200 денари, и тоа ми трае еден месец. Значи, јас месечно трошам 1.700 денари и ме чини многу поевтино отколку да ги купувам на кутија – вели една скопјанка.

Некои велат дека токму кога ја направиле оваа пресметка, решиле да ја прекинат навиката, но дека тешко им оди.

– Пробав да ги оставам цигарите, не само поради парите туку и од здравствени причини. Но, тешко ми одеше. Сега го правам тоа постепено, односно ги намалувам и секој ден пушам по неколку цигари помалку. Малку тешко ми паѓа пиењето кафе без цигара, ама ќе се навикнам – вели еден граѓанин.

Иако поради повисоките цени на берзите поскапе кафето и во маркетите и во кафулињата, сепак, нашите граѓани не штедат кога е тоа во прашање. Кафето, особено ако се пие во друштво во некое кафуле, се смета и за момент за дружба и социјализација, задоволство од кое луѓето не се откажуваат. Овој ритуал е особено карактеристичен за жените, кои одат на кафе за муабет и за озборување, а особено го практикуваат по добар шопинг.

– Седнувам на кафе по неколку пати неделно, знам дека е поскапено, но и храната е поскапена, па мора да јадеме. Точно, има кафулиња што претерале со цените на кафето, но таму не седнувам. Ги избирам оние што имаат пристојна цена и добра услуга. А, пиењето кафе со другарка ми доаѓа како психотерапија – вели една скопјанка.

Има граѓани што сметаат дека за нашиот стандард, цената на кафето би требало да изнесува од 80 до 130 денари. Но, ако се стави сè на кантар, излегува дека финансискиот момент и не е толку важен ако се имаат предвид придобивките од пиењето кафе во некое кафуле.

Цените на суровото кафе во светот двојно се зголемија за само неколку месеци, затоа што е намалено производството поради неповолните временски услови, а понатамошното зголемување на цените може да биде поттикнато од најавеното воведување американски царини за увоз на стоки од сите земји. Прогнозите за бразилската жетва во 2025 година не се поволни и се предвидува намалување од 6,4 отсто на производството на кафе во наредната сезона. Овие фактори ги зголемија цените на кафето, главно, поради побарувачката во Европа, САД и во Кина. Во европските земји, цените на кафето се доста повисоки во однос на претходните години.

И во маркетите, последнава година, се зголемија цените на кафето речиси двојно. Така, во зависност од марката, 100 грама во некои маркети достигнува до 100 денари.

Од 1 септември, цената на кутија цигари во Македонија е зголемена за 10 денари, како дел од постепеното усогласување на акцизите со европските стандарди, кое ќе се спроведува до 2030 година.

Според Светската здравствена организација, околу 45 отсто од граѓаните се активни пушачи, што ја става Македонија меѓу земјите со највисок процент на зависници од тутун во Европа. Целта на новата акцизна политика е постепено намалување на бројот на пушачи и приближување кон европскиот просек од околу 15,4 отсто во 2025 година.

Пушењето во земјава предизвикува околу 4.000 смртни случаи годишно и се очекува, со новата мерка, дел од граѓаните да се одлучат да го остават тутунот. Зголемувањето на цените е дел од пошироката стратегија за подобрување на јавното здравје и за усогласување со европските регулативи.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ