Управата на Националниот парк „Маврово“ – Маврови Анови, согласно со законските обврски и според планските документи, изврши пошумување со посејување на локалитетот „Брана“, во одделите 67а и 68а.
Тоа е дел и од обврската за пошумување во шума каде што е воведен шумски ред по елементарна непогода.
– Потсејувањето со 10,5 килограми елово семе од автохтоно потекло го спроведоа стручните служби на паркот, во присуство на надлежниот инспектор од областа на шумарството, кој е задолжен за контрола при воведување шумски ред и интервенција, со пошумување на наведениот терен – информираа од НП „Маврово“.
Семето е потврдено со Уверение за потекло и процентуална ’ртливост, издадено од Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“ – Катедра за семенарство, Скопје.
Постапката била спроведена со подготовка на теренот и со методот со плоштатки, со фрлање семе заедно со лушпи, имитирајќи го природниот начин на осеменување во природата.
– Со оваа активност уште еднаш ја потврдуваме нашата посветеност на заштитата, обновата и на негувањето на шумските екосистеми – нашето најголемо природно богатство. Исто така, ја исполнуваме нашата мисија – зачувување на природата за идните генерации и одговорно управување со шумските ресурси – посочуваат од НП „Маврово“.












