Пратениците од Комисијата за надзор на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање, денеска попладне беа во посета на АНБ, а утре ќе одат и во АР, така беше одлучено на комисиската седница, со која претседаваше заменик-претседателот Блерим Беџети. Ниту тој ниту претседателот Скендер Реџепи немаат безбедносен сертификат веќе една година, па тие и членовите кои не поседуваат таков сертификат не можеа да ја посетат АНБ. За предлогот гласаа сите, освен Јована Мојсоска од Левица, која вели дека веќе шест месеци чека одговор на барањето за издавање безбедносен сертификат.
– Злоупотребата на системот се повторува, практиката останува иста, јас имам поднесено барање за сертификат за „државна тајна“ пред 6 месеци, сè уште немам одговор од Дирекцијата, не знам дали тоа е, можеби, поради политички реваншизам затоа што Левица прва го обелодени скандалот со дипломата на директорот Бојан Христовски. Реформата на безбедносните служби не беше доследно реализирана, институциите немаат демократски капацитет, рече пратеничката Мојсоска и праша како е можно вицепремиерот Арбен Фетаи, со двојно државјанство, без да биде проверен од службите, да има сертификат, а таа како народна избраничка да нема.
Ако АНБ оцени дека некои од споделените информации се класифицирани, тие нема да бидат достапни за јавноста бидејќи нема волја за декласификација, рече пратеничката Славјанка Петровска. Седницата беше свикана по иницијатива на пратеникот Љупчо Пренџов, откако на 29 август беше објавено дека АНБ во периодот од 2019 до 2024 година го прислушувала тогашниот опозициски лидер на ВМРО-ДПМНЕ и сегашен премиер, Христијан Мицкоски, како и новинари и бизнисмени. Директорот на АНБ, Бојан Христовски, изјави дека целата документација е предадена на Обвинителството, а премиерот Мицкоски повеќепати побара Обвинителството да постапи по случајот.
Од опозициската СДСМ инсистираат на декласификација на документите. Пратеничката Петровска, пред да влезе во Агенцијата и заедно со колегите да направи увид во АНБ, рече дека се сомнева дека ќе ги видат сите документи.
– Лично јас веќе имам подготвено околу триесет прашања кои ќе ги упатам, а се разбира, се во интерес на расчистување на овој случај. Едно од тие прашања што ќе ги поставам, а за жал, ако состанокот биде класифициран, нема да можам јас да ви го дадам одговорот, е што се случило со полиграфистот кој се посочува, барем во брифинзите што ги има дел од јавноста, како клучен, односно тој што ги спровел полиграфските тестирања. Дали е тој сè уште на работа, дали заминал, дали заминал под притисок итн.? Што се случило со шефот на внатрешната контрола, зошто тој бил сменет? Според мои информации, можеби не е вистина, но зошто тој бил сменет непосредно пред да започне оваа внатрешна истрага во агенцијата и така натаму?, праша пратеничката од СДСМ, Петровска.
Премиерот Мицкоски, во говорoт на Свечената академија по повод 8 Септември, Денот на независноста, се осврна и на наводите за нелегалното прислушување и злоупотреба на системот и кажа дека одговорност мора да има и дека „оваа работа нема да се стави под тепих“.
– Вистинското прашање е како да ги спречиме злоупотребите и веќе ова да не се повтори. Тоа ќе се случи само и само кога ќе има одговорност. А одговорност мора да има. Сите материјали од институциите и сознанија за незаконското следење се предадени на обвинителството. Ги знаеме нивните слаби капацитети и, за жал, ниската доверба во нив, но овој случај ќе го следиме одблиску и само да знаат дека оваа работа нема да се стави под тепих.
Ова е прашање на опстојување на државата. И тука сакам да подвлечам: прашањето не е дали ќе се декласифицираат материјалите – тоа е сосема ирелевантно и на таквите работи гледам како на страв и паника на оние што повикуваат на такво нешто, и како на изговор за дефокусирање од вистинските дилеми. А да не зборувам што со тоа се разоткрива и расклинкува еден цел оперативен систем“, кажа Мицкоски. (П. А.)