Словачкиот поет Иван Штрпка е добитник на наградата „Златен венец“ во рамки на традиционалното поетско претставување на 64. Струшки вечери на поезијата. Во присуство на претседателката на државата Гордана Сиљановска – Давкова, вчера, во црквата „Света Софија“ во Охрид, од страна на академик Катица Ќулавкова беше одржана беседа за лауреатот на највисокото поетско признание во земјава.
– Поезијата на Иван Штрпка има интимна, медитативна, комуникативна и антрополошка димензија. Отвореноста, огледалноста и интертекстуалноста ја прават посебна, оригинална и пријателски настроена спрема читателот. Од тие причини, поезијата на Иван Штрпка е книжевна и духовна придобивка која ги надминува рамките на Словачка. И во случајот со поезијата на Иван Штрпка може да се каже дека – она кое постигнало степен на совршенство, не познава просторни и временски граници, рече академик Ќулавкова.
Поезијата на Штрпка ја опиша како огледална, затоа што, како што рече, во неа се прекршуваат слики од колективната меморија кои ѝ даваат додатна вредност на интроспекцијата и медитативната перцепција својствена на неговите песни. Според Ќулавкова, без таа огледалност тешко би ја разбрале метафизичката трансформација на поетските слики на Штрпка.
– Штрпка е илуминативен пример на духот на модерната словачка поезија која се спротивставува на поетичките и политичките канони наследени од поствоениот комунистички чехословачки амбиент и хронотоп, а се отвора спрема светот и го покажува својот сензибилитет спрема т.н. вечни теми на поезијата, теми профани, теми филозофски, теми етички, теми естетски, додаде Ќулавкова.
Секоја негова песна, вели, е мал архив на подвижни слики, одломки од стварноста, фрагменти во кои што се рефлектира и интимната, и општествената стварност.
– Неговите песни наликуваат на филмски епизоди, а збирките на кусометражни филмови. Освен тоа, песните на Штрпка се поткрепени со семантички пресврти, поенти и досетки, додаде Ќулавкова.
Добитникот на највисокото фестивалско признание Иван Штрпка, пак, во своето излагање изрази задоволство за вбројувањето во друштвото на одлични поети од целиот свет.
– За мене е голема чест и признание да ја примам во Македонија наградата „Златен венец“ на еден од најзначајните меѓународни фестивали на современиот свет на поезијата без граници, во Струга. Воедно е и голема сатисфакција да влезам на тој начин во прекрасното друштво на одлични поети од целиот поетски свет, толку важни во сето ова време и за мене. Да се читаме, да се пишуваме, да се истражуваме подлабоко, порача Штрпка.
Вели нашиот отворен, однапред недовршен повеќеслоен јазик може да биде овде индивидуален, а притоа единствено заеднички. – Можеме попрецизно и подлабоко да се разбереме. Тоа е првичниот јазик што се создава во нас и со нас од почетокот. Тоа е важно особено денес, среде несигурниот свет во кој вредностите на нашата перцепција и неговите визии се мошне небезбедно разнишани, рече Штрпка.
Манифестацијата продолжува со меѓународните поетски читања „Созвучја“ и музичко-поетски перформанс „Ноќ без интерпукција“.